Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески денес беше домаќин на јапонска делегација предводена од вториот секретар на Амбасадата на Јапонија во Виена, Тцујоши Кавахара и двајца врвни експерти во каратето. Посетата на нашата држава е резултат на одличната соработка на карате федерацијата на Македонија со претставници и вистински репрезенти на овој спорт на Јапонија.
Амбасадата на Јапонија во Виена (која ја покрива и Македонија) ќе организира демонстрација и тренинг за карате на 3 и 4 ноември 2015 во Скопје, со двајца врвни мајстори од Јапонија, Масааки Јокомичи (Шотокан 6 Дан) и Кен Нишики (Шотокан 5 Дан). Посетата на карате експертите од татковината на каратето е исклучително важна и доаѓа во време кога Јапонија како држава која ќе ги организира Летните Олимписки игри во Токио неодамна се определи да го предложи освој спорт да биде дел од програмата на ЛОИ во 2020 година. Истовремено тоа е признание и за Карате федерацијата на Македонија и продолжение на соработката која трае повеќе од една деценија.
За оваа цел е претходно остварена средба од страна на претседателот на Стручниот совет на КФМ, Назим Куртовиќ кој заедно со членот на извршниот одбор Горан Милковски претходно веќе имаше остварено средба и со претставници од Јапонската амбасада во мај годинава.
Инструкторите од Јапонија денес и утре ќе одржат два настана со мини демонстрација и тренинг, најпрвин доцна попладнево во салата на ОУ „Панче Арсовски“ во Скопје, а за утре претпладне е планирана демонстрација и предавање ОУ „Гоце Делчев“во Скопје. Слушатели и присутни на семинарите ќе бидат тренери, селектори, и каратисти – членови на Македонската карате репрезентација.