Поднесени кривични пријави од Царинската управа во октомври 2015

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец октомври 2015 година до надлежните јавни обвинителства поднесевкупно 10 кривични пријави,против 11 физички и 5 правни лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Криумчарење“, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Фалсификување исправа“ и „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Криумчарење

Четири кривични пријави, дведо Основното јавно обвинителство Гевгелија и по една до Основните јавни обвинителства во Куманово и Скопје, се поднесени против четири физички лица за сторено кривично дело криумчарење, од кои:

*Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена против

грчки државјанин, заради обид за криумчарење на лифт во делови со вкупна маса од околу 4 тони и вкупна вредност од над 1 милион денари. Осомничениот, управувајќи товарно возило со грчки регистарски таблички, натоварено со стока од фирма извозник од Грција, наменета за увозник од Германија, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. При контрола на приложените документи и белешката од терминалската вага била забележана неусогласеност меѓу тежината наведена во документите и измерената тежина на возилото со товарот. Поради тоа бил извршен детален преглед на товарот, при што биле пронајдени 11 колети со делови од лифт, а во кабината биле пронајдени и документи што се однесуваат на непријавената стока, а кои не биле приложени кон царинските документи.

Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот Суд Гевгелија, каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и одредена му е парична казна во износ од 246 илјади денари, како споредна казна протерување странец од земјата во траење од една година, а возилото и непријавената стока се одземени.

*Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена против македонска државјанка, заради обид за криумчарење на златен и сребрен накит со вредност од околу 374 илјади денари. Осомничената, како патник во автобус на турска превозна компанија се пријавила за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. При контрола на нејзината чанта биле пронајдени 6 мали кутии и 2 вреќички со 16 парчиња златен накит (нараквици, синџирчиња, обетки, прстени и приврзок) и 16 парчиња сребрен накит (прстени, приврзоци, обетки и гердан).

*Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје е поднесена против македонска државјанка заради обид за криумчарење на златен накит со вредност од околу 300 илјади денари. При вршење на детални контроли во внатрешноста на територијата на државата, во близина на скопската населба Маџари, мобилните царински тимови стопирале автобус со македонски регистарски таблички, што сообраќал на релација Истанбул-Скопје со кој патувала осомничената. При контрола на рачната ташна на осомничената, биле пронајдени две кесички со вкупно 7 нараквици, 1 гердан, 1 пар обетки, 1 приврзок и 3 прстени од злато, со финост од 22 и 14 карати, што ги носела од Турција, а не ги пријавила на влез во Република Македонија.

*Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена е против германски државјанин со привремен престој во Република Македонија, заради обид за криумчарење на поголема количина автоделови и разни лекови, со вкупна вредност од над 120 илјади денари. Осомничениот управувајќи патничко возило со германски привремени таблички, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на возилото, под задните седишта биле пронајдени 42 парчиња автоделови (филтер за масло, огледало за ретровизор, штрафови, ланец за мотор, дихтунзи и др.), а во просторот за резервна гума, во кожна торба, биле пронајдени 68 кутии разни лекови. Осомничениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот Суд Куманово каде му е одредена мерка претпазливост – привремено одземање на патната исправа.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Куманово, е поднесена против државјанин на Република Словачка заради обид за криумчарење на семки од марихуана. Осомничениот, како патник во автобус со полски регистарски таблички, што сообраќал на редовна линија од Грција за Полска, се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При претрес на куферот, сопственост на осомничениот, помеѓу неговите лични работи била пронајдена мала кутија со вкупно 37 семки од непознато растение.

По издадена наредба од Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, Одделот за криминалистичка техника при МВР изготви вештачење на семенскиот материјал според кое, семките потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род Cannabis и со засадување на истите од нив може да се развие растението Cannabis.

Осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во Основниот Суд Куманово каде е донесена пресуда со предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена казна условна осуда – казна затвор во траење од 9 месеци која нема да се изврши доколку истиот не стори друго кривично дело во период од 5 години, одземање на семенскиот материјал и протерување на странец од Република Македонија со забрана за влез во државата во траење од 10 години.

Фалсификување исправа

Четири кривични пријави се поднесени против четири правни лица и нивните одговорни лица, заради обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки со приложување на фалсификувани документи заради добивање на преференцијален третман при увозно царинење:

* Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје е поднесена против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице – македонски државјанин, кои на 12.11.2013 година на царинската испостава Скопје 3, увозно оцариниле едно употребувано патничко возило, при што приложиле фактура со изјава за потекло потпишана од странски продавач. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената фактура, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинска администрација на Србија со барање за верификација на истата. Според доставениот одговор, извозникот во извозната фактура не издал и не заверил изјава без авторизација за преференцијално потекло на стоката. Дополнително, во прилог на одговорот доставена е копија од фактурата со која употребуваното возило било извозно оцаринето во Србија, во која не е наведена изјава за потекло без авторизација.

*Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Прилеп е поднесена против правно лице од Прилеп и неговото одговорно лице – македонски државјанин, кои на 14.10.2013 година на царинската испостава Прилеп, увозно оцариниле употребувано товарно возило, при што приложиле фактура со изјава за потекло потпишана од странскиот продавач. Поради сомневање во веродостојноста на приложената фактура, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинска администрација на Германија со барање за верификација на истата. Според доставениот одговор изјавата за потекло во фактурата не била издадена и потпишана од страна на извозникот.

*Една кривична пријава,до Основното јавно обвинителство во Скопје е поднесена против правно лице од Велес и неговото одговорно лице – македонски државјанин, кои на 15.04.2015 година, на царинската испостава Скопје 1, увозно оцариниле еден употребуван мотор за автобус, при што приложиле фактура со изјава за потекло потпишана од странскиот продавач. Поради сомневање во веродостојноста на приложената фактура, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинска администрација на Словенија со барање за верификација на истата. Според доставениот одговор изјавата за потекло во фактурата не била издаденаод страна на словенечката компанијата и не била потпишана од овластено лице, односно фактурата не е автентична.

*Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Битола е поднесена против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице – македонски државјанин, против кои Царинската управа и претходно има поднесени кривични пријави за истото кривично дело. Осомничените, во текот на 2011 година на царинската испостава Штип увозно оцариниле разна стока со потекло од Турција, при што приложиле уверение за движење ЕУР.1. Поради сомневање во поглед на автентичноста на уверението, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинска служба на Република Турција, со барање за верификација на истото. Според доставениот одговор, спроведената постапка за верификација покажала дека уверението за движење ЕУР.1 не е издаденоод Царинската администрација на Турција.

Во сите четири случаи Царинската управа утврди дека увезената стока не ги исполнува условите за преференцијален тарифен третман и изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и ги задолжи осомничените да ги доплатат избегнатите давачки.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Струмицае поднесена против правно лице од Струмица и двајца македонски државјани – одговорни лица во правното лице, заради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

Пријавените, против кои и претходно се поднесени кривични пријави за истото кривично дело, во текот на 2015 година со три царински декларации, на царинската испостава Скопје 1 пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 1.997 парчиња облека (маици, тренерки, фармерки, блузи, чорапи, долна облека и друго), 306 крпи и 14 ќебиња со ознаки на заштитени трговски марки.

Царинската управа, постапувајќи согласно своите законски надлежности, привремено ја задржа предметната стока, а по добиените потврди од носителите на правата на интелектуална сопственост дека задржаните предмети ги повредуваат нивните права од интелектуална сопственост, донесени се одобренија за уништување на стоката.