Во административните простории на ЈП „Охридски комуналец“, денес, со пригодна свеченост беше одбележан патрониот празник на претпријатието. Во рамки на одбележувањето на вработените кои непрекинато работат и придонесуваат во претпријатието, десет, дваесет и триесет години им беа врачени награди. Од нив четворица беа наградени за непрекината работа од триесет години, двајца за дваесет години и шест вработени за десет години придонес во ЈП „Охридски комуналец“ . Наградите и признанијата им ги врачија секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески и директорката на ЈП „Охридски комуналец“, Елена Скрческа.
„Помина уште една тешка и напорна година, со секојдневни проблеми со кои се соочуваме поради застарениот возен парк. И покрај тоа, со зголемен напор и организација на работењето, се потрудивме максимално да одговориме на сите предизвици и успееме да ги задоволиме барањата на граѓаните на општина Охрид, како и барањата на зголемениот број туристи, кои го посетија Охрид. На наше големо задоволство, ваквите проблеми може да кажеме дека ќе бидат минато со новите комунални возила кои ги набавивме со помош на Локалната самоуправа. Уверена сум дека со заедничко залагање на сите вработени и понатаму ќе продолжиме со успешното работење и остварување на зацртаните цели, како и одговарање на сите предизвици со кои ќе се соочуваме во иднина,“ истакна директорката, Елена Скрческа.
Задоволството оваа година е поголемо што после долг временски период ЈП „Охридски комуналец“ го обнови возниот парк со пет најсовремени специјални возила за подигање на отпад од јавните површини со што ќе се подобри квалитетот на јавните комунални услуги во градов.Набавката на возилата е резултат на проектот што општина Охрид го реализира со поддршка на Светска Банка и Министерството за финансии.