Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Антонијо Милошоски учествува на меѓународната конференција на тема: „Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ) – регионални синергии, стратегиска соработка и парламентарна дипломатија” и на седницата на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ, што се одржуваат од 5 до 7 ноември 2015 година во Софија, Република Бугарија.
Конференцијата ја отвори Цецка Цачева, претседател на Националното собрание на Бугарија, која ги презентираше приоритетите на Бугарското парламентарно претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кои вклучуваат продолжување на процесот на институционализација на ПС на ПСЈИЕ, продлабочување на соработката со Европскиот парламент и поголема вклученост на младите во политичкиот живот.
Валентин Пориазов, заменик-министер за надворешни работи на Република Бугарија се осврна на целите и активностите на Бугарското претседателство со ПСЈИЕ 2015-2016 година. Под мото „ПСЈИЕ – 20 години клуч за соработката во регионот” предвидени се бројни активности, со цел за зацврстување на улогата на Процесот како водечки политички формат за соработката во регионот и фактор на безбедност, стабилност и просперитет.
Претседателството ќе се фокусира на три главни области на секторска соработка: 1) транспорт, енергија и инфраструктура, 2) слобода на медиумите и слобода на изразување и 3) миграцијата и приливот на бегалци.
Во рамките на првата работна сесија на Конференцијата се дискутираше за дефинирањето и имплементирањето на регионалните приоритети и синергијата меѓу регионалните иницијативи и невладиниот сектор.
Конференцијата продолжува со работа со сесии за парламентарната дипломатија и односите меѓу меѓународните и регионалните организации, улогата на ПС на ПСЈИЕ во процесот на европска интеграција, соработката со Европскиот парламент и сл.
На конференцијата учествуваат пратеници од 13 земји-членки на ПС на ПСЈИЕ, членови на Европскиот парламент, претставници на регионалните парламентарни собранија и иницијативи, како и претставници на невладини организации и академски институции.
Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија.