Ќе се одбележи Европскиот ден и Светската недела за рационално користење на антибиотици

Од оваа година на предлог на Светската Здравствена Организација (СЗО) / Европа во периодот од 16-22 ноември за прв пат се организира Светска недела за рационално користење на антибиотици со што ќе се потенцираат активностите кои досега беа преземани на 18 ноември кој е Европски ден за рационално користење на антибиотици. Причина за зајакнување на активностите се сè потешкото закрепнување на пациентите од инфекции кои се предизвикани од сè поголемиот број резистентни микроорганизми. Растечката резистенција поврзана со слабиот развој на нови антибиотици ги прави инфекциите тешки за лекување, често водејќи до смртен исход.

Во пресрет на оваа недела, СЗО го објави првиот извештај наCAESAR мрежата за следење на антимикробната резистенција на Централна Азија и Источна Европа, за антибиотска резистенција во пет земји кои не се членки на Европската Унија во СЗО регионот во Европа – Република Македонија, Белорусија, Србија, Турција и Швајцарија. Податоците добиени преку оваа мрежа се комплементарни на податоците добиени од мрежата за следење на антимикробната резистенција на земјите членки на ЕУ, со што се создава пан-Европски увид во трендовите и изворите на антимикробната резистенција. Со податоците од CAESAR мрежата се обезбедуваат насоки за лекарите за тоа како да ги лекуваат пациентите со вакви инфекции, како и зголемување на свеста за потребата од рационално користење на антибитоците кај здравствените авторитети и населението.

Главен заклучок на овој извештај е дека антибиотската резистенција во земјите кои не се членки на Европската Унија (ЕУ) на СЗО регионот во Европа е различна, но споредлива со таа во земјите членки на ЕУ.

Швајцарија има резистенција слична на земјите во Северна Европа кои се карактеризираат со ниска резистенција и високо ниво на свесност. Сепак, забележана е релативно висока резистенција на бактеријата Ацинетобактер, која предизвикува пневмонија и инфекции на рани, кон карбапенемите, кои се едни од последните откриени антибиотици. Ова значи дека само неколку алтернативни лекови се достапни за да се спасат пациентите со вакви инфекции.

Турција има слична резистенција како земјите на Југоисточна Европа. Тие имаат релативно високо ниво на резистенција кон карбапенеми кај бактеријата Ешерихија коли, која започнува како голема болничка епидемија која се шири и надвор од болницата во целата земја.

Република Македонија, Белорусија и Србија, слично како и нивните соседни држави во ЕУ имаат висока резистенција на бактериите Ацинетобактер и Псеудомонас.

Овој извештај покажува дека и покрај различното ниво, антибиотската резистенција е сериозен јавно-здравствен проблем не само во петте држави наCAESAR мрежата, туку и глобално.

Оттука и потребата за одржување на Светска недела за рационално користење на антибиотици под слоганот “Антибиотици: внимателна употреба”, како најефективен начин за намалување на антибиотската резистенција.

Република Македонија, како една од првите држави во Европа која од 2008 година спроведува кампања за рационална примена на антибиотици, се придружува на одбележувањето на Светска недела за рационално користење на антибиотици со следните активности:

1) На 16.11.2015 (понеделник) во хотел Континентал со почеток во 12 часот ќе се организира состанок на националната CAESAR мрежа на кој се поканети сите микробиолози (од јавните и приватни микробиолошки лаборатории), претставници од центрите за јавно здравје и претставници од сите болници и на кој ќе се презентираат резултатите од надворешната контрола на микробиолошките лаборатории и состојбата со антимикробната резистенција во Република Македонија во однос на другите европски земји

Овој состанок се организира од страна на Здружението на микробиолозите на Македонија (ЗММ) и националниот CAESAR тим кој е дел од Мултисекторската комисија на Министерството за здравство, а со поддршка од СЗО Европа. Истиот ќе биде КМЕ акредитиран во Лекарската комора на Македонија.

2) Во перидот од 09-27.11.2015 во организација на Мултисекторската комисија за контрола на антимикробната резистенција ќе се одржи:

а) Едукативен час во траење од 30-45 минути за ученици во 5 основни училишта во Скопје

б) Предавања на утринските состаноци во 5 клиники за состојбата со резистенција и рационалната употреба на антибиотици.

Во текот на овие настани на присутните ученици/здравствени работници ќе им биде поделен промотивен материјал со кој се очекува информациите да се проследат до семејствата на присутните, односно да пристигнат до општата популација.

Овие активности ќе се одржат со поддршка на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија со паразитологија при Медицинскиот факултет- Скопје, Центарот за регионални истражувања и соработка Студиорум, и СЗО канцеларијата во Скопје и СЗО Европа.