Првиот официјален настан GIT OPEN со покажаниот интерес говори за потребата од постоењето на Girls in Tech Macedonia

Girls in Tech Macedonia го одржа својот прв официјален настан, GIT OPEN, кој ги претстави активностите на организацијата во изминатиот период како и планираните активности и проекти за следните неколку месеци. На GIT OPEN присутите имаа можност да се запознаат со целите и програмата на организацијата за следниот период.

Од организацијата велат дека планираат и подготвуваат возбудливи настани за следните неколку месeци. Како дел од програмата на Girls in Tech Macedonia беа најавени неколку настани, меѓу кои и Lady Pitch Night, bootcamp, хакатон, конференција, итн. На овој собир беа претставени и Локалните Амбасадорки на Girls in Tech Macedonia од кампањата Local Ambassadors Hunt на која стигнале огромен број апликации. Со тоа беше презентирана и целата мрежа на Girls in Tech низ 13 македонски градови како точки на делување и организирање активности.

Покрај Извршната Директорка на Girls in Tech Macedonia, Јасна Тренгоска, која ја претстави организацијата и фокусот на Извршното Тело, свое поздравно обраќање имаше и Бисерка Конеска, Маркетинг Директор на Seavus, кои заедно со Seavus Education and Development Center беа и генерални спонзори на настанот. Како почесни гости говорници на GIT OPEN ги слушнавме Марија Ферро, Координатор на CISCO Networking Academy при SEDC, како и Мади Шарма, искусна жена претприемач во светски рамки, основач и претседател на MADI Group.

Покрај структурата и програмата на организацијата, GIT OPEN најави и повеќе склучени долгорочни партнерства со наши и странски организации, кои ќе имаат за цел да ја зајакнат соработката и делувањето на организацијата и со тоа да спроведуваат проекти со поголемо општествено влијание. Истовремено од организацијата упатија и покана до сите заинтересирани структури кои би сакале да воспостават соработка со нив.

Меѓу почесните гости на GIT OPEN се забележаа претставници од ИТ бизнис секторот и високообразовниот сектор, претставници од владиниот и невладиниот сектор како и од различни организации и институции. Бројката на присутни гости ги надмина очекувањата на организацијата и велат дека тоа е добар знак кој говори за интересот кој постои за активностите на Girls in Tech.

Инаку, Girls In Tech е глобална организација со седиште во Сан Франциско, формирана од Adriana Gascoigne во 2007 година и до денес има околу 50 национални гранки низ целиот свет, со членство од над 25 000 жени и девојки од СТЕМ областите. Girls in Tech Macedonia е прва ваква организација на Балканот и се вбројува помеѓу десет во Европа, меѓу кои Франција, Велика Британија, Шпанија, Италија, Луксембург, Холандија, Романија, Полска, a од неодамна и Финска.