Претседателот Иванов се сретна со амбасадорот Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија во Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

На средбата, амбасадорот Орав на претседателот Иванов му го врачи Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2015 година и го информираше за клучните оценки содржани во извештајот, подготвен од Европската комисија.

Претседателот Иванов оцени дека и годинешниот извештај на Европската комисија дава објективна слика на актуелните состојби во повеќе области во Република Македонија. „Имајќи ја предвид огромната поддршка која интегративниот процес ја има од граѓаните на Република Македонија, политичкиот, меѓуетничкиот, социјалниот, и всушност целокупниот општествен консензус за интеграцијата во ЕУ, трансформативната моќ која ја има самиот процес, недвосмислено упатува на неопходноста со максимална сериозност сите општествени и политички фактори во земјата својата енергија да ја насочат кон надминување на забелешките од Извештајот. Граѓаните на Република Македонија имаат потреба реформските процеси за достигнување на стандардите и исполнување на критериумите да бидат највисок приоритет во наредниот период”, рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов посочи на неопходноста за промена на status quo состојбата во контекст на отворањето на пристапните преговори за членство.

„Крајно време е Република Македонија да ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија. Треба објективно да се согледаат последиците од предолгото чекање. Политичките кризи се повторуваат и за жал секоја следна криза е со посилен интензитет и поопсежни последици”, истакна претседателот Иванов на средбата.

Во однос на Договорот од 2 јуни и Протоколот од 15 јули, усогласени од страна на лидерите на политичките партии, претседателот Иванов смета дека договорените решенија да бидат доследно спроведени, да се надминат политичките надмудрувања и дневно политичките игри. Сите политички актери неодложно и целосно да се посветат на европската и евроатлантската агенда на Република Македонија.

„Во иднина очекувам политичкиот дијалог да се остварува во институциите на системот, со доверба во истите и со нивно целосно и безусловно почитување”, порача претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Орав.

Претседателот Иванов оцени дека Република Македонија ја очекува интензивен период на политичката сцена и повика одговорно однесување од сите политички актери.

Orav_Izveshtaj_01