Европските пратеници имаат можност да гласаат за најдобар европски филм, кој ќе ја освои наградата „Лукс“, избирајќи меѓу филмовите „Медитеран“, „Мустанг“ и „Лекција“.
Сите три филмови опфаќаат современи европски социјални прашања, како имиграцијата, улогата на локалните конзервативни традиции и економските проблеми во општеството.
„Медитеран“ (Италија, САД, Германија, Франција, Катар) е деби на Џонас Карпињано, со многу чувствителен и тематски портрет на мигранти кои го преминуваат Средоземното Море во потрага по слободата и безбедност.
„Мустанг“ (Франција, Германија, Турција и Катар) на Дениз Гамзе Ергувен ја раскажува приказната за затворањето на некои млади девојки во општество каде сè уште доминираат мажите, под силно влијание на локалните традиции.
„Лекција“ од Кристина Грозева и Петар Валчанов (Бугарија, Грција), се одвива во училиште, покажувајќи како економските потешкотии можат да го уништат удобниот живот.
Во текот на овие две седмици проекциите ќе бидат прикажувани во Европскиот парламент и во градови ширум Европа, а ќе се води дискусија и на социјалната мрежа „Твитер“.
Исто така, веќе четврта година по ред, публиката има можност да гласа за својот омилен филм, а победникот ќе добие специјална награда. Гледачите ќе можат да се изјаснуваат на интернет-страницата на наградата „LUX“ или на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Трите филмови се прикажуваат од септември до декември во сите 28 земји-членки на ЕУ за време на таканаречените „Лукс филмски денови“, со титл на 24-те официјални јазици на Унијата.
Претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц, ќе го објави победникот на 24 ноември на време на официјалната церемонија на доделување на наградата во Стразбур.
„Лукс“ со латинско значење „светлина“, е награда која ја доделува европскиот законодавен дом еднаш годишно од 2007 година, со цел да се сподели богатството и разновидноста на европската кинематографија со што повеќе Европејци и да се поттикне дискусија за темите покренати во избраните филмови.