На барање на угледниот Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES), во Љубљана, Словенија, претседателот на СДСМ, Зоран Заев ќе одржи предавање на тема Вистината за Македонија.
Предавањето на Заев е во рамки на циклусот предавања “Западен Балкан и ЕУ“ што ги организира овој институт.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES) го најавува претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како политичар во Македонија кој сака да обезбеди благосостојба за сите граѓани на Македонија, транспарентност и граѓански слободи.
„Актуелната Влада во Македонија тоа не им го овозможи на граѓаните на Македонија, туку дури повеќе години незаконски прислушувала повеќе од 20.000 граѓани во земјата, што доведе до масовни протести на граѓаните, независно од етничката припадност, кои и со посредство на ЕУ се изборија за преодна Влада и предвремени избори“ наведува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES), во поканата за отвореното присуство на предавањето на претседателот Заев во Љубљана.
На предавањето што ќе го одржи утре, Заев, ќе зборува за актуелната ситуација во Македонија, регионалната соработка и евро- иднината на Македонија.