Среброто од Џакарта во Агенцијата за млади и спорт

Уште еден одличен настап на Македонските каратисти во светски рамки. Имено од 12-15 ноември во Џакарта се одржа 9 -то СП за кадети, јуниори и постари јуниори до 21 години. Настапија 1492 каратисти од 91 земји, меѓу кои и 20 од Македонија кои претходно ги исполнија нормите пропишани со правилникот на КФМ.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески им го честита постигнатиот резултат, особено сребрениот медал на девојките од ката тимот и посака и во претстојните балкански и континентални збиднувања да го повторот успехот нагласувајќи дека Република Македонија секогаш ќе ги подпомага и вреднува успешните спортисти како достојни претставници на нашата земја.

Македонија освои еден сребрен медал, во ката тим екипно (близначките Маријана и Мишела Димоски и Кириана Камческа) во кадетско -јуниорска конкуренција. Нашите девојки остварија 3 победи и тоа над Шпанија 3:2 против Иран 5:0 и Германија 3:2 со што се пласираа во финалето, каде што загубија со 1:4 од Франција. Го освоија сребрениот медал што е вкупно втор трофеј на Македонија на СП кадети и јуниори ( по бронзата на Берат Јакупи 2013 во Гвадалахара во борби во У21) а прв медал во дисциплината кати. Воедно тоа беше и прво финале за Македонија на ваквите светски првенства.

Од натпреварувачите во борби најдобар пласман постигна Фаик Весели на 5 место до кое дојде со 4 победи, а Филип Несторовски имаше пласман на 7 позиција со 3 победи и пораз (двајцата се кадети). Исто така 7 место имаше и Фери Исиќ во кати поединечно во У21 возрасна категорија што е најдобар индивидуален пласман на нашите во кати досега.

Она што е најзначајно се работи за возрасни категории кои ќе бидат во полна форма по пет години кога каратето најверојатно ќе биде на програмата на ЛОИ во Токио, за што се исполнети сите предуслови. За Македонија на спортски план тоа е од исклучително значење затоа што во овој спорт како во ретко кој имаме шанси за олимписка виза и дури и борба за медал. Реални параметри за тоа се повеќето медалисти од европско и првенство во минатите неколку години но и генерации кои ветуваат дека ќе го продолжат патот на Наташа Илиевска, Емил Павлов, Мартин Несторовски, Жарко Арсовски, Огнен Груевски, Иво Цветковски.