Работна сесија на Салзбург Форумот што се одржува во Софија

Во рамки на третата работна сесија на Салзбург Форумот што се одржува во Софија, Република Бугарија, заменик министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков имаше свое обраќање на тема- “Предизвиците кои се наметнуваат со притисокот од зголемената миграција долж западно балканската рута – заеднички мерки и подобрување на соработката“.

Заменик министерот Чавков потенцираше дека соработката со сите земји од регионот е клучна и дека Република Македонија е подготвена за соработка во секој момент со сите земји од регионот како и со европските и меѓународните институции и агенции. Истовремено, тој посочи дека дел од заклучоците на лидерите од регионот на минатомесечениот состанокот во Брисел веќе се спроведуваат. Имено, номинирани се контакт точки за размена на информации и координација меѓу земјите долж западно-балканската рута, обезбедени се привремени засолништа за бегалците и мигрантите со формирање на привремени прифатни центри .

Исто така, Чавков нагласи дека службениците на Министерството за внатрешни работи се на терен и настојуваат да идентификуваат и регистрираат што поголем број мигранти, пришто се преземаат засилени мерки против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти. Земајќи ја во предвид новонастанатата состојба со редуцирање на бројот на мигранти кои транзитираат на западно -балканската рута и кои не треба да бидат повеќе од 3000 дневно, како и тоа дека во Република Македонија секој ден доаѓаат од јужниот сосед помеѓу 7000 – 9000 мигранти, Чавков истакна дека менаџирањето на оваа состојба ќе биде многу тешко без вистинко ангажирање на грчките власти, во насока на намалување на бројката на мигранти кои ги препраќаат кон Република Македонија, како и итно и неодложно активно учество на сите европски институции, пред се на Фронтекс и Европол во делот на брзо и неодложно ставање во функција на т.н. Hot Spots во Грција и Италија.

Инаку во четвртата сесија на Салзбург Форумот се разговараше и за ЕУ перспективите на земјите од Западен Балкан, при што беше потенцирано дека Република Македонија недвосмислено останува на патот кон целосна интеграција во Европската Унија.

Во продолжение на Салзбуршкиот Форум се одржа и 14-тиот Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, со кој моментално претседава Република Македонија. Исто така, на маргините на овој настан беше организирана и билатерална средба со заменик Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Мијо Крешиќ, при што беа разменети информации и искуства во делот на справувањето со миграцијата, можните ризици и проблеми кои ги носи миграцијата, справувањето со тероризмот и слично.