Одбележан Светскиот ден на детето во ОУ „Христо Узунов“

Светскиот ден на детето, 20-ти Ноември, посветен и на Конвенцијата за правата на детето, денеска се одбележува под мотото „Стоп на насилството врз децата“.

Во пораката по повод Светскиот ден на детето македонскиот Народен правобранител истакнува дека почитувањето на правата на детето е една од најважните работи кон кои треба сите да се стремиме, затоа што за едно општество нема поважна работа од создавање здрави, образовани, толерантни поколенија подготвени да се соочат со сите предизвици кои ги носи животот.

Во Основното училиште „Христо Узунов“ со игри, песни и читање на правата на децата беше одбележан 20-ти ноември, Светскиот ден на детето. 

„Ние сме Установа која работи и која е основана за да работи со децата и воспитно и образовно. Имаме толку многу содржини за обработка, така што воспитната компонента некако се помалку ја има, не само во училиштата, туку и во домовите. Сите сме во некаква трка, родителите се во трка за заработка, ние сме во трка за да ги постигниме сите  барања што се очекуваат од нас и децата се помалку и помалку се деца. Не само денес, туку секој ден треба да биде ден на детето.“- изјави Јулијана Шишоска, одделенски наставник во ОУ „Христо Узунов“ и додаде дека на децата треба да им се посветува повеќе внимание.

„Да им посветуваме повеќе внимание на децата, што повеќе внимание, што повеќе разговор, повеќе љубов со децата толку повеќе плодови ќе береме кога тие ќе пораснат, значи сега се сади онаа вистинската вредност на детето. Ние во нашето училиште се трудиме, организираме најразлични активности, забави за децата се организираат, значи  да не биде само едно исто, секако и тоа е едукативен процес, меѓутоа да биде и забавно, децата да се забавуваат повеќе.“– вели Шишоска.

Според УНИЦЕФ, секоја година милиони деца во светот се жртви на насилство, сексуално злоупотребување, експлоатација на труд, трговија со луѓе и физичко и психичко казнување.

Инаку, Датумот 20 Ноември го одбележува денот на кој Собранието ја усвои Декларацијата за правата на детето, во 1959 година, како и Конвенцијата за правата на детето, во 1989 година.

WebOhrid