Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Централни Полициски Служби бележи зачестена појава на интернет измами со нелегално превземање и измамничко посредување во деловната комуникација преку електронска пошта(e-mail) помеѓу македонски компании и нивните бизнис партнери од странски земји претежно од Азија, Африка и Латинска Америка.
Имено, добро организирани меѓународни криминални групи со примена на т.н. spam пораки, методи на phishing и social engineering, успеваат да ја „украдат“ лозинката за пристап до e-mail-от на еден од бизнис партнерите при што добиваат непречен пристап до историјата на целокупната комуникација. Овие групи креираат нови e-mail адреси кои минимално се разликуваат од оригиналните и тешко се приметуваат во комуникацијата. Оригиналната порака ја преземаат , ја модифицираат и ја праќаат на еден од лажно креираните e-mail адреси. Потоа праќаат порака до партнерот дека ја имаат променето банкарската сметка за уплата на средства и бараат авансните средства да бидат уплатени на нова сметка која ја доставуваат во прилог.
Министерството за внатрешни работи посочува дека за успешно разоткривање на ваквите меѓународни криминални групи и пронаоѓање на сторителите потребна е координација и соработка помеѓу надлежните институции во земјите на засегнатите страни. Исто така МВР упатува и на тоа компаниите да обезбедат повеќекратен начин на авторизација и автентикација; внимателност при промена на ентитетите во комуникацијата, како и навремено пријавување во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика доколку се забележи ваква појава.