Нов пораз на МЗТ во АБА лигата

Нов пораз на нашиот шампион МЗТ Скопје Аеродром во регионалната кошаркаска лига. МЗТ Скопје Аеродром ја продолжи серијата порази во АБА лигата откако вечерва на домашен терен во Спортската сала „Јане Сандански“ загуби од Задар со 60:72 (21:08; 7:27; 18:17 и 14:20).

Металците добро го започнаа натпреварот и по 4:4 направија серија од 15:0 за водство од 19:4. Сепак добрата игра на избраниците на Пипан траеше само во премиерните десет минути, по што следуваше голем пад во играта и на сцена стапија гостите од Хрватска. Кошаркарите на Задар вториот период го добија со 27-7 и на полувремето заминаа со предност од 35:28.

Во второто полувреме нашиот шампион во неколку наврати се обиде да ја неутрализира предноста на противникот, но сепак кошаркарите на Задар не дозволија резултатски пресврт и на крајот стигнаа до сигруна победа од 72-60.

Кај МЗТ Скопје најефикасни беа Ѓорѓе Дреновац и Дамјан Стојановски со по 15 поени, а најпрецизен на дуелот беше Американецот Глен Коузи со 19 поени.

Нашиот шампион вечерва го забележа седмиот пораз во 11 натпревар во АБА лигата.