Годишната филмска награда „Лукс“ на Европскиот парламент ја доби филмот „Мустанг“ (Франција, Германија, Турција и Катар) на режисерката Дениз Гамзе Ергувен.
Во тесна конкуренција за наградата беа филмовите „Медитеран“ (Италија, САД, Германија, Франција, Катар) од Џонас Карпињано и „Лекција“ на Кристина Грозева и Петар Валчанов (Бугарија, Грција).
Претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц, го објави победникот за време на официјалната церемонија во рамките на пленарната седница во Стразбур и притоа истакна дека овие три европски филмови поттикнуваат различни фундаментални прашања и целосно ја заслужуваат поддршката.
Инаку, „Мустанг“ раскажува приказна за пет сестри кои се спротивставиле на локалната традиција на присилни бракови, решени да го живеат сопствениот живот по своја волја.
Европарламентот ги покри трошоците за превод и титл на секој од трите филмови на 24-те официјални јазици на ЕУ и истите беа прикажани во 28-те земји-членки на ЕУ за време на „Лукс филмските денови“ од септември до декември. Покрај тоа, победничкиот филм ќе биде адаптиран и за наглуви лица и лицата со оштетен вид, најмалку во оригиналната јазична верзија.
Наградата „Лукс“ се доделува од 2007 година со цел да се сподели богатството и разновидноста на европската кинематографија со што повеќе Европејци и да се поттикне дискусија за темите покренати во избраните филмови.