Министерката за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски заедно со дел од вработените што работат на проблематиката за семејно насилство во Министерството за труд и социјална политика се приклучи на одбележувањето на 16-дневната кампања по повод „Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените“, како дел од глобалниот активизам, што ќе трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Годинава кампањата се одвива под мотото „Обој го светот во портокалово, ставете точка на насилството врз жените и девојките“.
На Плоштадот „Карпошово Востание“ во Скопје голем број на граѓани, активисти и видни личности формираа портокалова панделка со што испратија порака за свет без насилство.
Во своето обраќање министерот за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски рече дека вклучувањето на Република Македонија во обележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените е потврда за посветеноста и заложбите, преку сензибилизирање на јавноста, заедницата и институциите да пристапиме кон исполнување на преземените обврски, за обезбедување на превенција од секаков вид насилство, за интензивирање на меѓуресорската соработка за заеднички пристап во третманот на жртвите од насилство, за подобрување на легислативата во оваа област и за спроведување на планот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа (Истанбулска конвенција) за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство.
„За проблемот со насилството врз жените и за жртвите од секаков вид насилство не треба да се зборува само денес и само во деновите кога се случува насилството врз жената. Потребно е секој ден, во секаква форма, сите заедно да зборуваме и да делуваме против насилството во секаква форма, да се спротивставиме на секакво поттикнување на насилство. Нам ни е потребен говор на љубов, толеранција, соживот и мир! Потребно е да зборуваме против дискриминацијата, против стигматизацијата и против говорот на омраза, треба да зборуваме и делуваме против се што може да произведе насилство. Тоа е наша одговорност!”, рече Ташевска-Ременски.
Националните статистики покажуваат зголемување на бројот на пријавени случаи на семејно насилство и случаи во кои како жртви од насилство и други кривични дела се јавуваат жени и девојчиња. Само за пример, во Република Македонија од 802 ново пријавени случаи на семејно насилство од јануари до септември 2015 година, 587 (73,2%) се жени или зголемен процент пријавувања во споредба со истиот период минатата година.
Ташевска-Ременски потенцираше дека: „Овие статистики не исправаат пред уште еден сериозен предизвик – да пристапиме кон дефинирање на родово базираното насилство и да ги категоризираме сите форми на насилство врз жената. Исполнувањето на оваа задача, специфично ќе ги одреди правата и обврските на институциите, специјализираните сервиси за заштита од насилство врз жените и сеопфатен третман и превенција”, и повика насилството врз жените, правата и третманот на жртвите на насилство да не бидат камен на сопнување во соработката и постапувањето на институциите задолжени за превенција и заштита од насилство. Според неа, отстранувањето на секаков субјективизам во проценките за третман на жените жртви на насилство, ослободувањето од стереотипите и предрасудите кои можат да условат несоодветно третирање на жените-жртви, е задача на секој службеник од институциите кои работата со жените-жртви, примаат пријави и даваат помош.
Постојаниот координатор на Обединетите Нации Луиза Винтон потенцира дека: „Насилството врз жените е истовремено и најшироко распространетата и најмалку препознаената повреда на човековите права во светот. Токму затоа, борбата против него претставува прашање од највисок приоритет за Обединетите Нации.“
Амбасадорот на ЕУ Аиво Орав смета дека: „Родовото насилство претставува брутален облик на дискриминација и кршење на основните права. Тоа е истовремено и причина за и последица на нееднаквоста меѓу мажите и жените.“
Во рамките на кампањата, во нашата земја ќе се организираат серија на настани, вклучувајќи формирањето на„портокалова панделка“ од луѓе низ целата држава, дебати за млади, како и анимирање на различни чинители вклучени во процесот.Пристутните „Ставија точка“ и Камениот Мост засвети во портокалово во поддршка на кампањата против насилството врз жените. Инаку, 16 – те дена активизам против родовото насилство се во организација на Делегацијата на ЕУ и семејството на ОН, заедно со националните партнери, меѓу кои и Министерството за труд и социјална политика.