ИПАРД 2 Програмата од која Македонија може да повлече вкупно 60 милиони евра треба да стартува до средината на 2016 година, веднаш по реализацијата на ИПАРД 1. За максимално искористување на одобрените средства, преземени се сите неопходни мерки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
ИПАРД 1 завршува со последните два огласа објавени во мај и септември годинава на кои се поднесени проекти вредни 17 милиони евра. Проектите се генерално од преработувачката индустрија, за отворање откупно-дистрибутвини центри. Апликациите веќе се разгледуваат и веројатно, според Цветков, повеќето ќе бидат одобрени.
– Министерството за земјоделство ги презема сите потребни мерки за поефикасно искористување на ИПАРД 2 поради што очекуваме нејзино целосно реализирање, а резултатите веќе излегуваат на површина, напомена Цветков на прес-конференција по форумот за агробизнисот и унапредувањето на конкурентноста во прехранбениот сектор.
Отворен е, потсети, Гарантен фонд кој ќе стои зад 50 отсто од хипотеката за секој проект, а државата ќе субвенционира и 50 проценти од каматата. Изготвени се и типски проекти, за краварски, овчарски, козји фарми, за откупно-дистрибутивни центри, за овошни и лозови насади,…, кои им се даваат бесплатно на заинтересираните земјоделски стопанства.
„Формиран е и тим од 80 агроинженери кои советодавно ќе им помагаат на земјоделците во изготвувањето апликации зашто основниот проблем за реализација на ИПАРД Програмата беше токму тоа, неможноста или незнаењето да ја подготват потребната документација“, истакна министерот.
И Мауро Ди Вероли од Делегацијата на ЕУ во Македонија потенцира дека очекувањата за искористувањето на ИПАРД 2, која се однесува на периодот 2014-2020 година, се големи, со оглед дека Програмата има поголем опсег во однос на ИПАРД 1, а и процедурите се полесни.
„Постојат два услова за економските оператори да пристапат на заедничкиот европски пазар – нивните прехранбени производи да ги исполнуваат стандардите за квалитет и безбедност, како и да бидат конкурентни. Исполнувањето на овие две барања е голем предизвик и тоа е една од причините зошто ЕУ дизајнира посебни програми во оваа насока како што е ИПАРД Програмата“, рече Вероли.
Воедно, додаде дека во земја каде 90 отсто од земјоделското производство се потпира на индивидуалните земјоделци, не е мала работа да се задоволат барањата за квалитет и квантитет, и од страна на компаниите и од страна на индивидуалните земјоделци. Затоа, во тесна соработка со МЗШВ ќе се работи на јакнење на нивните капацитети.
Одговорајќи на новинарски прашања, министерот Цветков изрази жалење што неговиот дополнителен заменик-министер Љупчо Николовски се уште не знае какви програми има МЗШВ и како тие се искористуваат.
„Не знам чии анализи користи мојот дополнителен заменик, најверојатно партиски, но јас ги кажувам анализите на Министерството кои потврдуваат дека досега на земјоделците им се исплатени 88 милиони евра од вкупно проектираните 101 милион и дека останатите 12 милиони евра ќе бидат исплатени до крајот на годината,“ потенцира Цветков.
На форумот, организиран во рамки на претседавањето на Македонија со Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), присуствуваа претставници од околу 30 компании, а стана збор за унапредување на регионалната соработка преку меѓусебно, директно бизнис поврзување.