Примената на компјутерите, иновативните технологии, електронските системи и дигиталните платформи е основа за современо, конкурентно земјоделство, порачаа учесниците на денешната конференција „ИКТ во агробизнисот.
Само ако располагаат со навремени, точни информации, земјоделците, беше речено, ќе знаат што точно да преземат и какви одлуки да донесат за поголемо производство и сигурен пласман.
ИКТ во земјоделството ќе го врати интересот на младите за оваа дејност, ќе поттикне отворање нови работни места и ќе овозможи поефикасно искористување на средствата од европските фондови.
„Изборот на ИКТ во земјоделството нема граници. Безжичните технологии за подобра комуникација, поставувањето сензори во почвата за следење на нејзината состојба, дроновите за снимање на обработливите површини, автоматизираното млекопроизводство, стекнувањето знаења он-лаин, електронскиот маркетинг и продажба,…, се само некои од можните решенија. Владата го поддржува процесот на нивното имплементирање, а една од можностите е и Фондот за иновации“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Во Македонија, додаде Арсовска Томовска, изминатите години преовладуваше традиционалното производство пред користењето на иновативните технологии, но оваа ситуација веќе се менува и ИКТ заземаат се поголемо место во секојдневната работа на земјоделците за олеснување и зголемување на производството.
„Конечно треба да сфатиме дека земјоделството е гранка на иднината и дека без ИКТ не може да се добие квалитетно производство“, потенцира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Зголемувањето на ефикасноста и конкурентноста на современото земјоделство, според Цветков, е невозможно без примена на напредна технологија, во опремата, механизацијата и комуникациските системи.
„Имајќи предвид дека македонското производство главно го сочинуваат стопанство со мали производни капацитети, потребно е и корисно да се развијат соодветни ИКТ апликации. Сметам дека компаниите од ИКТ секторот вниманието треба да го насочат токму кон потребата на овие земјоделски стопанства кои се многу важен сегмент во секторот“, рече Цветков, оценувајќи дека приоритетот во развојот на апликативните решенија треба да биде насочен кон обезбедување поддршка во донесувањето одлуки за најоптималната употреба на лимитираните ресурси и максимално зголемување на профитот.
Министерот најави дека од следната година е планирано проширување на можноста за електронско поднесување барања за субвенции и за наддавањето за доделувањето државно земјоделско земјиште под закуп.
„Планираме и воспоставување нов електронски систем за регистрирање на откупот на сите земјоделски производи во државата, како и систем за интегрирано управување со земјоделското земјиште“, посочи Цветков.
Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ Стефан Плавјански се осврна на т.н. е-земјоделство кое, како што нагласи, е релативно нов термин, а подразбира развој, евалуација и спроведување иновативни начини за користење ИКТ во руралните средини со фокус на земјоделството.
Последните статистики покажуваат дека во Македонија има 1.475 активни ИКТ претпријатија со 16.205 вработени.
Според ФАО до 2050 година во светот ќе има околу 9 милијарди луѓе што ќе значи многу поголема потреба од производство на храна, а ресурсите се се помали. За надминување на ваквите предизвици, заклучија учесниците на конференцијата, ИКТ се едно од можните решенија.