Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, со претставници од Генералната администрација за надзор на квалитет, инспекција и карантин на Народна Република Кина, потпиша Протокол за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар. Потпишувањето на протоколот се реализира во рамки на бизнис форумот, кој вчера се одржа во Пекинг, како дел од активностите на Владата на Република Македонија за презентација на бизнис можностите за инвестирање во земјава.
Официјализирањето на оваа соработка, како што беше истакнато, ќе биде основа за интензивирање на бизнис релациите и продлабочување на трговската соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина.
Со Протоколот договорени се здравствени барања за карантин кои треба да се исполнат за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар, одговорностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во делот на вршењето на инспекцијата, карантинот на јагнињата кои ќе бидат наменети за извоз, како и за издавањето на здравствените сертификати.
Во наредните денови, Агенцијата ќе оствари средби со претставници од здруженијата на кланичари и сточарските здруженија, со кои ќе се разгледаат деталите од Протоколот и ќе се дефинираат идните чекори за реализација на извозот на замрзнато јагнешко месо на пазарот на Народна Република Кина.