Дарко Гашпаровиќ е добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година

Истакнатиот хрватски славист, дописен член на Хрватската Акдемија на науки и уметности, книжевен теоретичар и театролог, со меѓународно реноме и светски познат екуменист, Дарко Гашпаровиќ, е добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година, која по десетти пат ја доделува Охридската Академија на Хуманизам.

По одлуката на седум членото интернационално жири, чиј Претседател е Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, Гашпаровиќ истакна дека, по доделувањето на оваа награда на светската хуманистичка мисла, како што се Солженицин, Рави Шанкар, Оливеира, Питер Брук и нобеловката Херта Милер, неговото задоволство е уште поголемо бидејќи следната година Македонија, целокупниот словенски свет, како и сета меѓународна јавност, ќе ја одбележат илјада и сто годишнината од смртта на Св. Климент Охридски, основачот на првиот словенски универзитет и ученик на Св. Кирил и Методи, кои беа прогласени за заштитиници на Европа.

Наградата ќе му биде доделена за време на празнувањето на Водици 2016 година, во Куќата Уранија на МАНУ.

Во исто време на Долна Порта во Охрид ќе биде промовиран проектот „Охрид град на светскиот хуманизам“ од Академик Светлин Русев од Бугарија, кој е и еден од досегашните добитници на ова високо светско признание.