Двајца крадци снимени на дело од камера инсталирана во “шпијунка“ од соседниот стан

СВР Скопје до надлежното ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против К.В.(28) и Д.М.(24) и двајцата од Прилеп поради основано сомнение дека извршиле кривично дело “тешка кражба“ предвидено и казниво по член 236 од КЗ на РМ, при што се здобиле со противправна имотна корист од околу 60.000 денари. Од страна на судија во претходна постапка на првопријавениот одредена му е мерка притвор во траење од осум дена, додека второпријавениот е во бегство.

Имено, пријавените на 17-ти месецов, околу 15.00 часот извршиле тешка кражба од стан лоциран на булевар ,,Јане Сандански“, на тој начин што откако претходно се договориле да извршат кражба, дошле во Скопје, влегле во влезот во зградата, се качиле на првиот спрат и пријавениот К.В. се упатил до влезната врата од станот, а во исто време второпријавениот се упатил према влезната врата од соседниот стан со цел да внимава да не наиде некој. Д.М. на влезната врата во пределот на окното за гледање (шпиунка) се посомневал дека има поставено безбедносна камера, по што го предупредил првопријавениот и истите заедно со помош на тврд предмет кој го носеле со себе насилно делувале на видео камерата која била поставена во окното за гледање на влезната врата на соседниот стан, при што истата ја оштетиле, меѓутоа и покрај оштетувањето камерата продолжила да снима.

Пријавените откако го извршиле оштетувањето на камерата, мислејќи дека истата не снима, дошле до влезната врата на првиот стан и откако претходно се увериле дека во станот нема никој, односно повеќепати звонеле на ѕвоното, ставиле раквици со цел да не остават траги, а К.В. со помош на подесен клуч (калауз) кој го носел со себе, делувал на цилиндерот од влезната врата, кој без да го оштети ја отклучил и отворил по што пријавените влегле во станот. По извршеното претурање и пребарување пронашле и украле златни пари и накит како и странски пари (евра и бугарски левови) и без да бидат забележани од никого го напуштиле станот во непознат правец.

Врз основа на претходно издадена наредба од ОЈО, полициски службеници од одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција Кисела Вода, Аеродром, Драчево го подигнале видео записот од безбедносната камера поставена на влезната врата од соседниот стан, извадени се фотографии, кои се споредени со фотографии од евиденции на МВР при што е утврдено дека се работи за пријавените, кои се познати сторители на вакви кривични дела. По претходно распишана телеграма за лишување од слобода, на 24ти месецов К.В. е пронајден и приведен во Битола, а додека второпријавениот е се уште во бегство. При приведувањето кај пријавениот пронајдени се осум банкноти од по 50 евера и еден мобилен телефон , кои со потврда се одземени и за кои постои можност дека дел се пари кои се украдени од станот, а останатите дека потекнуваат од продажбата на златните предмети. Врз основа на претходно издадена наредба од страна на судија на претходна постапка извршен е претрес во домот (во Прилеп) на првопријавениот и при тоа не се пронајдени предмети кои потекнуваат од кривични дела.

На 24.11.2015 година од ПС Прилеп К.В. е донесен и со него е обавен разговор во просториите на ПС ОН Кисела Вода, во кој пријавениот негира дека го извршил кривичното дело и појасни дека во Скопје последен пат бил пред околу 10 месеци. Пријавените се и претходно познати извршители на кривични дела од областа на имотните деликти, како и кривични дела против здравјето на луѓето за што на К.В. поднесени му се пет кривични пријави и на Д.М. поднесени му се три кривични пријави.