По повод 45 години од основањето на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, денеска во просториите на оваа високонаучна образовна институција се одржа свеченост. Пред присутните, професори, студенти, останати вработени и гости се обрати Заменик градоначалникот Ангел Јанев.
„Со синтагмата „образованието е најмоќното оружје кое може да се користи за промена на светот“ , во името на градоначалникот Никола Бактрачески и во мое име, најискрено Ви ко честитам 45- годишниот јубилеј и Ви посакувам уште многу годишнини и успешен развој на оваа високо образовна институција. Пред 45 години, во далечната 1970 година, во Охрид започна да работи Вишата школа, која подоцна се трансформира во Факултет за туризам и угостителство, со што во Охрид започна развојот на високото образование. Со тоа градот на првиот Словенски универзитет, гордо ја продолжи милениумската традиција на Свети Климент Охридски и ги постави темелите за отварање на други високообразовни институции. Факултетот за туризам и угостителство растеше и се развиваше во препознатлив бренд не само во Република Македонија, туку и пошироко. Тука своето образование го стекнале илјадници студенти кои сега работат во Охрид , но и во развиените туристички центри ширум светот. Паралелно професорите и нивните соработници, со свои научни и стручни трудови учествувале и учествуваат на најпознатите светски собири од оваа област. За Охрид, Факултетот за туризам и угостителство е особено важен бидејќи нераскинливо е врзан со неговиот развој како најпознат туристички и културен центар во поширокиот регион. Благодарение на високообразованите кадри и научните и стручните трудови на професорите и нивните соработници, културно- историските споменици и природните реткости на Охрид кои се под заштита на УНЕСКО се дел од туристичката понуда не само на домашните туку и на странските туроператори. Заедно, со стручна помош од оваа институција, ги градиме стратегиите за развој на туризмот, постојано освежувајќи ја понудата со внесување на алтернативни форми кои се интересни за привлекување посетители, особено од странство. Искрена благодарност за Вашиот придонес во развојот на Охрид и уште поискрена желба дека успешно ќе ја продолжите Вашата високобразовна мисија и ќе славите уште многу јубилеи на Факултетот за туризам и угостителство“– рече Заменик градоначалникот Јанев.
Деканот на ФТУ- Охрид, проф. д –р Цветко Андреевски потсети дека оваа институција е формирана пред 45 години , по иницијатива на Здруженото угостителско-туристичкото стопанство.
„Факултетот за туризам и угостителство посебно внимание посветува на практичната настава. Практичната настава за студиските програми од областа на туризмот и угостителството се изведуваат во угостителски објекти низ целата држава. Практичната настава се изведува според програма која е изготвена од комисија на наставен и дополнително ангажиран кадар од стопанството. Со задоволство можам да констатирам дека резултатите од практичната работа се повеќе од задоволителни. Преку практичната работа, дел од нашите активни студенти ја пронаоѓаат можноста за сезонско или трајно вработување во угостителските објекти каде што изведуваат пракса. Практичната настава е добра можност студентите да се запознаат со сите служби кои функционираат во хотелите или туристичките ресори и тоа знаење да можат да го применат од првиот ден на нивниот иден работен ангажман. Истото тоа се однесува и за студентите кои студираат на останатите студиски програми: Царина и шпедиција, Осигурување и Менаџмент во услужен сектор. Наши студенти може да најдете како изведуваат пракса во Царинска управа, во голем број на шпедиции, во поголемите компании кои имаат свои служби за осигурување или сопствена шпедиција, во осигурителни компании, и во сите други институции кои работат во областите во кои едуцираме кадар. Работата на проекти е уште еден аспект од ангажираноста на кадарот вработен на Факултетот за туризам и угостителство. Листата на изработени проекти од страна на кадарот на ФТУ е долга и секоја година ангажирано се аплицира на нови проекти. Најголемиот дел од проектите изработени преку Центарот за научно истражувачка работа се проекти работени за странски фондации, или во соработка со странски партнери. Преку тие проекти факултетот остварил соработка со високообразовни институции од сите соседни земји, како и со институции од Германија, Холандија, Франција, Финска, Италија, Хрватска, Полска, одреден број на високо образовни институции од САД. Сите изработени проекти стојат во портфолиото на факултетот како потсетник за нас, но и за идните генерации да продолжат со активно учество во проекти и да ја збогатат соработката на факултетот со сродни институции од земјата и странство. Како ја гледаме иднината на нашата институција и иднината на кадарот што го едуцираме? Иднината ја креираме денес. Оние проекти кои ќе ги започнеме денес ќе го дадат резултатот после неколку години. Оние студенти што се запишале денес, ќе се влучат на пазарот на труд за три до четири години. Ние тоа го знаеме и работиме секоја наредна генерација да има подобро теоретско знаење и практично искуство во работата, за успешно да се вклучи на пазарот на труд. Показателите за развој на туризмот и услужниот сектор во Република Македонија, но и генерално во европски и светски рамки покажуваат значаен пораст. Во последните десет години бројот на пристигнати туристи во Република Македонија е зголемен за 50%, а предвидувањата за иднината укажуваат на натамошен пораст. Според истражувањата на Светската банка, учеството на услужниот сектор во структурата на бруто домашниот производ е доминантен кај средно и високо развиените држави. Ако се видат минатите трендови, ќе се забележи зголемување на учеството на услужниот сектор во текот на годините. За очекување е овој тренд и натаму да продолжи“, потенцира Андреески и посочи дека традицијата која ја има Охрид како град на просветата, град на учењето и описменувањето, ќе продолжи и во иднина.