Поднесени кривични пријави од Царинска управа во ноември 2015 година

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец ноември 2015 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 10 кривични пријави против 12 физички лица и едно правно лице.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Криумчарење“, „Фалсификување исправа“ и „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Криумчарење

Пет кривични пријави се поднесени против 5 физички лица за сторено кривично дело „криумчарење“.

Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје е поднесена против македонски државјанин, за обид за криумчарење на златен накит, со вкупна маса од 1,5 килограми и вредност од над 1,7 милиони денари. На 18.11.2015 година, на патниот правец Велес – Скопје, пред патарината Петровец, мобилните царински тимови сопреле за царинска контрола турски автобус, што сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, со кој патувал осомничениот. Автобусот бил проследен до царинската испостава Скопје 4 каде била извршена детална контрола, при што во просторот под компресорот, во специјално подготвено скривалиште, биле пронајдени 28 најлонски пакетчиња облепени со кафена селотејп трака и алуминиумска фолија, во кои биле спакувани вкупно 104 златни алки со втиснат жиг 585.

Две кривични пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство во Куманово од кои:

Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, за обид за нелегално внесување во Република Македонија мотор со вредност од околу 200 илјади денари. Осомничениот, на 11.11.2015 година, управувајќи патничко возило со германски регистарски таблички, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При извршената контрола, во багажниот простор на возилото е пронајден моторот, покриен со ќебе и лични работи на возачот, а во фиоката за документи е пронајдена фактура за истиот, со износ од 3.300 евра.

Една кривична пријава е поднесена против српски државјанин, за обид за нелегално внесување во Република Македонија нови резервни делови за патнички возила со вредност од околу 140 илјади денари. Осомничениот, на 19.11.2015 година, управувајќи товарно возило со српски регистарски таблички, се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените автоделови се пронајдени во две картонски кутии и една најлонска кеса, сместени под креветот во кабината на возилото.

Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Струмица е поднесена против македонски државјанин, за обид за криумчарење на резервни делови за патнички и товарни возила со вредност од над 250 илјади денари. Осомничениот, на 27.10.2015 година, како сопатник во бугарско товарно возило, се пријавил за излез од Република Македонија, на граничниот премин Ново Село. Непријавените автоделови се пронајдени во фабричка преграда за помошен материјал што се наоѓа на возачката страна на влекачот.

Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија е поднесена против романски државјанин, за обид за криумчарење на 14 бунди од природно крзно од визон, со вредност од над 210 илјади денари. Осомничениот, на 13.11.2015 година, управувајќи романски автомобил-џип, се пријавил за влез во Република Македонија, на граничниот премин Богородица. Непријавените бунди, за кои осомничениот отпосле приложил две фактури со вкупен износ од 3.450 евра, се пронајдени во две патни торби и повеќе кеси, сместени во багажникот на возилото.. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот суд Гевгелија, каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која осомничениот е огласен за виновен и осуден на парична казна како и споредна казна протерување на странец од земјата во траење од 2 години, одземање на непријавената стока и возилото со кое е превезувана стоката.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Две кривични пријави, против 4 македонски државјани се поднесени поради сомневање за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, од кои:

Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Струмица е поднесена против двајца македонски државјани, заради обид за криумчарење на околу 250 грама марихуана. На 18.11.2015 година, на граничниот премин Ново Село, за влез во Република Македонија се пријавил македонски автомобил, со кој патувале осомничените. При личен претрес на патниците, на појасот на едниот од нив била пронајдена кесичка обвиткана со леплива лента со непозната растителна материја со маса од околу 147 грама, а во внатрешноста на долната тренерка на другиот патник била пронајдена иста таква ќесичка со непозната растителна материја со маса од околу 14 грама. Дополнително, при извршена контрола на возилото, во внатрешноста на командната табла е пронајдена уште една кеса со непозната растителна материја со маса од околу 89 грама. Пријавените се изведени пред судија на претходна постапка кој им одреди мерка претпазливост одземање на патните исправи.

Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје e поднесена против двајца македонски државјани, заради обид за криумчарење на семки од марихуана. Првопријавениот, на 25.10.2015 година, пристигнал на скопскиот аеродром Александар Велики, со лет од Лондон. При преглед на неговата патна торба, бил пронајден плик од поштенска пратка на име на второ пријавениот во кој е пронајдена една опаковка со 10 семки од непознато растение со лого лист од марихуана. Во пликот покрај семките била пронајдена и фактура на име на второпријавениот како и каталози за растенија Cannabis. По издадена наредба од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Скопје, Одделот за криминалистичка техника при Министерството за внатрешни работи изврши вештачење на семенскиот материјал според кое, семките потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род Cannabis и со засадување на истите од нив може да се развие растението Cannabis.

Фалсификување исправа

Три кривични пријави се поднесени против 3 физички лица и едно правно лице кои при увозно царинење на употребувани моторни возила приложиле лажни документи како доказ за преференцијално потекло, со цел одобрување на увозно царинење со стапка за царински давачки од 0%.

Две кривични пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство во Штип, против две физички лица, македонски државјани, кои во текот на 2013 година, на царинската испостава Штип увозно оцариниле по едно употребувано возило, при што како доказ за преференцијално потекло, едниот осомничен приложил купопродажен договор а другиот фактура со наведени изјави за потекло потпишани од странските продавачи. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложените документи и автентичноста на изјавите во истите, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Република Германија, со барање за верификација на документите. Според добиените одговори, извозниците ниту ги издале приложените документи, ниту пак ја имале издадено и потпишано изјавата за потекло во истите. Во двата случаи Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и ги задолжи пријавените да ги доплатат избегнатите давачки.

Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Прилеп, е поднесена против едно правно лице од Прилеп и неговото одговорно лице, македонски државјанин, кои во текот на 2013 година, при увозно царинење на едно употребувано патничко моторно возило, на царинската испостава Прилеп, како доказ за преференцијално потекло, приложиле фактура во која била наведена изјава за потекло потпишана од странскиот продавач. Поради фактот дека пријавените и порано го сториле истото дело, како и поради сомневање во веродостојноста на приложената фактура и автентичноста на изјавата во истата, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Република Германија, со барање за верификација на фактурата. Според добиениот одговор изјавата за потекло во фактурата не е издадена и потпишана од страна на извозникот, поради што Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи правното лице да ги доплати избегнатите давачки.