Интегрално обраќање на градоначалникот Бакрачески на свечената академија по повод Св.Климент Охридски – патрон на градот

Интегрално обраќање на градоначалникот Никола Бакрачески на свечената академија по повод Св.Климент Охридски- патрон на градот

До кога незнајци ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат на бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето?- цитат од Бибилијa, изреки Соломон, син Давидов.

Буква пред буква, збор по збор- реченица, Библија, цело творештво, пренесувано од колено, на колено, преку лист вградено во еден Универзитет од кој ќе се расее писменоста и од каде животот ќе добие друга духовна и културна димензија. Божја воља да неговата мисија ја оствари токму во нашиот вечен град, градот кој со неговото битисување во него, од него доби заштитник и севременски Патрон.

Охрид, вечен да е. Св.Климент-Охридски- вечен да е.

Почитувани охриѓани, драги гости…

Тука сме да го чествуваме светителот, творецот, учителот, епископот, Патронот кој животот го посветил на творбата, на обичниот човек, на описменувањето, богослужбата и богољубието во симбиоза.

Колку неговите погледи биле далекусежни, колку неговата мисија била, e и ќе биде надвременска можеме да слушнеме, прочитаме, почувствуваме насекаде околу нас, … во погледот на нашите деца, во нивните први обиди да го напишат сопственосто име, името на државата, во можноста своите чувства да ги нанижат во стих, во ракописите на писателите, во текстот кој се пренесува преку секој измислен низ децении наназад медиум, па се до погледот од од него основаната триконхосна црква, преку бисерното сведочно езеро, кон духовниот дом на неговиот содеец и духовен брат Наум.

Епископот кој никогаш не бил виден да се одмора, додека низ од него создадениот универзитет се раѓале неговите наследници, на полињата на возрасните ги подучувал на калемење овошки, на сточарство, риболов и на се она што значи живеење во духот на Бога и чување на бисерите на Светиот Дух: љубов, спокој, добрина, толерантност, кротост, милосрдие, воздржаност, вера и радост.

Колку само е Охрид благословен по неговото доаѓање, творење, учителствување, градење, воспоставување и чување на културата, па се до неговото упокојување и вечен дом во неговата утроба.

Ни даде толку многу што не задолжи со генерации и генерации на вечно следење, поклонение, чување на неговото, нашето Свето писмо, Библија, збор, работа над мрзоволието, живот по заповедта на Севишниот, се до поклонението пред неговите свети мошти и понесување на духот на патронот низ нашиот сопствен животен пат.

НЕГОВАТА МИСИЈА КОДИРАНА ВО НАШАТА ЖИВОТНА МИСИЈА.

Охриде, охриѓани.

Нека е за многу години денешниов ден и нека неговата сеприсутност го штити овој град вечно.

СВЕТИ КЛИМЕНТЕ,

ПАТРОНЕ,

ТЕБЕ СЛАВА ТИ!!!