Министерот за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски и директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози на прес конференцијата ја информираа јавноста за Кампањата за мирно решавање на работните спорови.
Целта на кампањата е да се информира јавноста, а особено работниците и работодавачите во земјата за придобивките од користењето на воспоставениот механизам за мирно решавање на работни спорови, преку користење на лиценцирани помирувачи и арбитри.
Во Република Македонија од 2007-ма година постои Закон за мирно решавање на работни спорови кој е изменет и дополнет во 2014 година, но и покрај долгиот период за подготовки, факт е дека недостасува негова имплементација. Впрочем ова е јасно нотирано во поглавјето 19 од најновиот извештај за напредокот на земјата во исполнувањето на критериумите за почеток на преговори за членство во Европската Унија.
„Ова беше причината поради која со поддршка на Европската комисија и Меѓународната организација на трудот се премина кон правење на посериозни чекори кои ќе овозможат операционализација на одредбите од Законот кој овозможува мирно решавање на колективни и индивидуални работни спорови, со посредство на лиценцирани помирувачи и арбитри. Беше креиран механизам кој треба да овозможи побрзо, поефикасно и финансиски поисплатливо вонсудско решавање на споровите меѓу работниците и работодавачите”, информираше министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски.
Неопходните информации за тоа како да се искористат придобивките од новиот систем до јавноста ќе бидат пренесени преку ТВ и радио спотови, како и преку леток кој ќе биде поставен на интернет и во дневниот печат. Заинтересираните можат да добијат подетални информации и директно во Министерството за труд и социјална политика, кое ги извршува сите стручно-административни работи поврзани со постапката на мирно решавање на работните спорови.
Исто така, во рамки Министерството е воспоставен електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што ќе се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување. Во регистарот моментално се заведени 16 лиценцирани помирувачи и арбитри.
„Ваквиот систем на решавање на работните спорови за страните ќе претставува брз, ефикасен и без трошоци начин за изнаоѓање на заедничко решение за настанатиот спор и посебно сакам да ги поттикнам работниците да го користат овој механизам и работните спорови да ги решаваат со посредство на лиценцирани помирувачи и арбитри, да постигнат заемно прифатливо решение на брз, ефикасен и финансиски исплатлив начин“, изјави министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски.
Воспоставување на систем за мирно решавање на работни спорови е една од трите компоненти на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, чија цел е обезбедување техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјалниот дијалог. Проектот е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, преку канцеларијата за Централна и Источна Европа.
„Како резултат на огромното залагање и одличната работа на сите партнери вклучени во реализацијата на проектот, земјата доби нов механизам кој треба да им овозможи на лиценцираните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка за мирно решавање на работните спорови, од што полза ќе имаат пред сè работниците и работодавачите, но и земјата во целина“, изјави директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози.
Мирното решавање на работните спорови, кои можат да произлезат од колективните договори, како и индивидуалните спорови поврзани со отпуштање од работа или неисплата на плата, е регулирано со посебен закон кој стапи на сила од почетокот на оваа година. Основната цел на законот е да им овозможи на работниците и работодавачите, преку соодветна доброволна вонсудска постапка, со помош на помирувачи, односно арбитри, да изнајдат заемно прифатливо решение за можните спорови кои ќе ги задоволат нивните потреби и барања. Согласно со Законот, целокупните оправдани трошоци за спроведување на постапките за мирно решавање на работните спорови ги покрива Министерството за труд и социјална политика.