ВМРО-ДПМНЕ: Не дозволуваме политикантство со јавното здравје, здравјето на граѓаните е најважно!

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ во која стои:

„Јасна е политичката цел на соопштението на кликата во СДСМ, но такви дрски лаги се под нивото и на една партија – наследничка на диктаторски режим. Скапите подароци од екс-министерот за здравство на СДСМ кој е во бегство веројатно го заматуваат погледот на кликата и нејзините пулени.

Да изјавувате дека ситуацијата е драматична во време кога конечно интензивно се инвестира за подобрување на јавното здравство, во најмала рака значи непочитување за сите оние професионалци кои ги вложуваат своите животи за да ги спасат животите на останатите граѓани на Охрид и Македонија.

Ужасно е кога ќе потрошите десетици прес-конференции и часови во пишување соопштенија за дискредитација, а наспроти Вас зборуваат делата. Наспроти Вас стои реновираната Општа болница, опремена со најмодерна технологија за дијагноза и лекување, стручен кадар и услови за лечење какви немаат граѓаните на некои од најбогатите земји во Европа. Непријатно е чуството кога спроти вашите неосновани атаци зборуваат работата на Заводот за кардиоваскуларни заболувања и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, каде доаѓаат луѓе од странство за да се лекуваат. Тоа ли е драматичната состојба за СДСМ?

Лесно е кога има професионалци кои ги исполнуваат своите обврски, а не ги исполнуваат сопствените и џебовите на бизнис партнерите. Сега се наоѓаат начини и се вложува за подобрување на здравствената заштита на граѓаните. Се градат нови болници од почеток и се реновираат старите, се обновува распаднатата апаратура од времето на комунизмот и неговите наследници, медицинскиот персонал се праќа на задолжителна дообука и стручно усовршување во некои од најпознатите здравствени установи во светот, се воведоа новини во функционирањето на прегледите, проектот „Мој термин“ постепено станува еден од најуспешните проекти на Владата во делот на здравствената заштита. Кога се сака – се може.

ВМРО-ДПМНЕ не дозволува политикантство со јавното здравје. Здравјето на граѓаните е најважно! Тие судат и ќе Ви пресудат на 24 Април, ако воопшто пронајдете храброст да излезете на избори и се соочите со нив.“ – се вели во реакцијата од Општинскиот Комитет на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.