Откриени и запленети 30 килограми марихуана наменети за турскиот нарко-пазар

По спроведена истрага Министерството за внатрешни работи на РМ, реализираше случај на недозовлена трговија со марихуана, во содејство со Царинска Управа при што на ГП Богородица запленети се околу 30 килограми марихуана.

Имено завчера (12.12.), околу 19 часот, на ГП Богородица на излез од Р.Македонија сопрено било ПМВ марка „Рено Меган Сценик“ со гостиварски регистарски ознаки управувано од Р.Н.(61), а сопственост на неговата сопруга. Од страна на полициски и царинските службеници – мобилна царина од ГП „Богородица“ како резултат на истрагата и зајакнати мерки за гранична контрола извршен е преглед и претрес над возилото при што било употребено и службено куче од царинска управа на РМ, кое што покажало реакција за присуство на наркотична дрога во возилото. Притоа во него бил откриен специјално направен простор-бункер во долниот дел на подвозјето под седиштата на возилото, во кој пронајдени биле 30 пакувања обвиткани со алуминумска фолија исполнети со непозната растителна материја зелена боја и помало пакување обвиткано исто така со алуминиумска фолија исполнето со непозната растителна материја зелена боја.

Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ, заради вештачење, при што е утврдено дека се работи за 29 килограми и 905,6 грама марихуана.

По преземени дополнителни мерки утврдено е дека Р.Н. од Р.Албанија неовластено ја набавил наркотичната дрога марихуана за цена од 15.000 евра заради натамошна препродажба, а крајна дестинација на истата била Република Турција. Запленетата наркотична дрога на нарко пазарот на големо би достигнала цена од околу 100.000 евра.

Против Р.Н. поднесена е кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик на Р. Македонија. Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.