Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, делови за товарни возила, регистарски таблички, пенкала, рачни часовници, пластични продолжетоци и фалсификати.
Девизи
– 30.000 евра, откриени при личен претрес на грчки државјанин, кој како патник во грчки автомобил, управуван од грчки државјанин се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во преден џеб од фармерките на патникот се пронајдени 40.000 евра за кои не поседувал потврда за внесени девизни средства, издадена од царинските органи на Република Македонија. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
– 101.428 средства за лична хигиена (сапуни, пасти за заби и шампони) и 2.000 етикети со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во три одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на стока со потекло од Италија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 3, се пронајдени 56.448 шампони за коса во пакувања од 350 ml.
Во вториот случај, при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Тетово, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Куманово, се пронајдени 35.992 сапуни и 8.988 пасти за заби во пакувања од 50 ml.
Во третиот случај, при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Истанбул-Пеќ, Косово, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир, во просторот за багаж што се наоѓа над седиштата на патниците, е пронајдена најлонска кеса со 2.000 етикети, сопственост на возачот.
Во сите три случаи производте се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Автоделови и регистарски таблички
– 18 плочки за кочници за товарни возила и 1 комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајни дозволи за патничко возило, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Делчево,
Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата се пријавија двајца македонски државјани, под патосниците пред предните и задното седиште на возилото се пронајдени 18 плочки за кочници за товарни возила. Непријавените делови се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Во вториот случај, 1 комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајни дозволи за патничко возило, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата, под патосниците пред предните седишта на возилото се пронајдени 1 комплет бугарски регистарски таблички. Според изјавата на возачот возилото на кое припаѓале табличките било хаварисано и продадено во делови, а табличките ги носел во Бугарија да ги одјави. Со таквата постапка возачот го пуштил возилото во слободен промет без претходно да го стави во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки за истото, за што против него ќе биде поведена прекршочна постапка.
Останато
– 100 рачни часовници и 2.000 пенкала, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонски автомобил, извршена на скопската обиколница, кај клучката за с.Мирковци. Часовниците и пенкалата за кои возачот – македонски државјанин не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во повеќе картонски кутии сместени во багажникот на возилото. Пронајдените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
– 503 пластични продолжетоци, откриени при контрола на стока од испраќач од Гостивар, пријавена за извозно царинење на царинската испостава Богородица. Фирма од Гостивар, со две царински декларации, пријавила за извозно царинење метални спојници, но при извршената контрола било утврдено дека се работи за пластични продолжетоци, а покрај тоа се пронајдени во едниот случај 250 а во другиот случај 253 пластични продолжетоци што не биле опфатени со царинските декларации. Против увозникот е изготвен записник за царинска тарифа а воедно ќе биде поведена и прекршочна постапка.