Сојузот на стопански комори и Геолошкиот завод од наредната година ќе се придружат на Националниот геопортал откако претходно ќе се донесат соодветни законски измени, со што бројот на членови ќе се зголеми на 20, најави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по завршувањето на третата седница на Советот за национална инфраструктура на просторни податоци (СНИПП).
Пешевски, како претседавач на СНИПП информира дека на седницата била сумирана работата во 2015 година и се дискутирало за натамошните чекори кои ќе се преземат.
„Создавањето база на национална инфраструктура на просторни податоци е еден од условите за пристапување на Република Македонија кон Европската унија. Токму поради тоа оваа активност е особено важна за Владата и ќе овозможи полесна и поефикасна комуникација помеѓу државните институции меѓусебно, а со тоа и олеснување на животот на македонските граѓани“, истакна Пешевски на денешната прес-конференција во Владата.
Потсети дека во јуни годинава се воспостави Националниот геопортал, кој е електронска мета база на просторни податоци, на која може да се најдат мноштво корисни податоци за речиси сите области на живеењето.
„Советот и членките на Советот во наредната година и периодот што следи ги очекува обемна и напорна работа, која подразбира вклученост на сите членки во процесот на поставување огромен број податоци на Националниот геопортал, на кој моментално се вклучени 18 институции, кои поставуваат податоци од функциите на секоја од членките. Со приклучувањето на Геолошкиот завод ќе се стават на располагање сите геолошки карти и податоци, додека членството на Сојузот на стопански комори ќе значи поголемо учество и ангажман на приватниот сектор во реализација на активностите поврзани со формирањето на националната инфраструктура на просторни податоци“, потенцира Пешевски.
Појасни дека на Геопорталот ќе се најдат податоци за висина на објекти, површина на земјиште, квалитет на вода, пошуменост и квалитет на шуми, сите податоци за сите компании, како што се сопственост, индустрија, вработени,…односно на едно место ќе се содржат голем број податоци од различни сфери на живеењето. Тоа, како што кажа, кај реките ќе помогне да може да се предвиди на кое место може да се излеат при зголемен водостој, а кај шумите каде евентуално може да настане пожар во деновите со високи температури.
„Користејќи ги податоците од Националниот геопортал, институциите дополнително ќе ја подигнат ефикасноста и квалитетот на својата работа. На пример, ако самите институции за одредени податоци морале да се обраќаат до 3-4 институции или повеќе, сега ќе ги имаат на геопорталот со само еден клик“, истакна Пешевски.
Посочи дека континуирано се зголемува интересот за членство на институции или организации во националната инфраструктура на просторни податоци и додаде дека Советот за национална инфраструктура на просторни податоци во рамките на надлежностите ќе продолжи со процесот на хармонизација на националното со европското законодавство, подигнување на свеста и разбирањето на визијата, концептите и придобивките од националната инфраструктура на просторни податоци, како и на хармонизација и стандардизација на просторните податоци и услуги.
„Значењето на инфраструктурата на просторни податоци станува се поголемо и очекуваме во голема мера да ја подобри ефикасноста на самите институции, што подоцна директно ќе влијае на подигнување на квалитетот на услугите кон граѓаните. Со развојот на целиот овој процес очекуваме поедноставување на процесот на соодветното планирање, спроведување на политиката и следење, управувањето со ризиците, како и зачувувањето и искористувањето на ресурсите, побрз одговор на итни ситуации, подобрено планирање и управување со транспортот и врските, развој на голем број владини услуги засновани на интернет платформи кои се наменети за граѓаните, особено преку е-Влада, како и за прекуграничната соработка со соседните земји“, потенцира Пешевски.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески посочи дека е неизбежна поврзаноста на националната инфраструктура на просторни податоци со информатичкото општество.
„Секое информатичко општество зависи од просторни, односно географски податоци и информации. Главен фактор за развој на вакво општество се дигиталните геопоросторни податоци кои се негова основа. Дигиталниот податок ја отвора можноста за интеграција, размена, управување, анализа и побрз пристап до податоците од секоја институција“, рече Трпески.
Тој посочи дека Агенцијата за катастар на недвижности е во завршна фаза со дигитализација на катастарските планови и оти 99 отсто од катастарските планови за територијата на Република Македонија се дигитализирани, а од 2016 година се очекува и сите преостанати работни процеси во Агенцијата да се одвиваат дигитално.
„Покрај досега поставените две збирки на геопросторни податоци, Агенцијата во 2016 година на Националниот геопортал ќе ги постави веб услугите за податоците од географските имиња и хидрографската мрежа. Воедно ќе изврши обуки за субјектите во националната инфраструктура на просторни податоци поврзани со изготвувањето на метаподатоци“, потенцира Трпески.
Покрај во националните активности, додаде, Агенцијата успешно учествува и во градење на регионалната инфраструктура на просторни податоци која се реализира преку проектот ИМПУЛС, финансиран од шведската влада.
„Проектот има цел да ги поддржи националните агенции за катастар и геодезија во земјите од регионот во процесот на имплементација на директивата INSPIRE, односно воспоставувањето Регионална инфраструктура за просторни податоци. Проектот ќе обезбеди капацитети со цел да се постигне техничка интероперабилност помеѓу институциите, дистрибуција на геоподатоците во електронска форма, како и развој на услуги и сервиси кои имаат за цел размена и споделување податоци помеѓу институциите во секоја земја, меѓу земјите од регионот, како и со земјите од Европската унија“, рече Трпески.
Прецизира дека резултатите од проектот ќе најдат примена во справувањето и намалувањето на штетите при евентуална појава на поплави, пожари и други природни непогоди.
„Не помалку важен чинител за развојот на националната инфраструктура на просторните податоци се и подзаконските акти со кои се регулира оваа област. Во изминатава година, од страна на работните групи се изготвени Уредбата за метаподатоци, Уредбата за мрежни услуги, Уредбата за пристап до податоци и услуги и Упатството за поврзување на трета страна со НИПП. Содржината на овие акти ќе го зголеми степенот на усогласеност со европската INSPIRE директива донесена од Европската комисија. Воедно тие ќе придонесат за изработка на стандардизирани веб услуги на национално ниво“, појасни Трпески.
Тој посочи дека Македонија е рамо до рамо со европските земји на ова поле кои имаат обврска до 2020 година целосно да ги имплеметираат просторните податоци.