Потсетување на патниците за нивните права и обврски при пренос на пари од царински аспект
Царинската управа ја реактивира кампањата за информирање на патниците кои влегуваат, излегуваат или транзитираат низ Република Македонија за нивните права и обврски поврзани со внесувањето/изнесувањето на пари, која ја започнавме во август минатата година.
Во рамки на кампањата изработени се брошури на македонски, англиски, албански и турски јазик со информации за патниците кои се делат на сите гранични премини за важечката царинска регулатива поврзана со пријавување пари и информативен видеоклип кој се емитува на екраните на Аеродромите Александар Велики и Св. Апостол Павле во делот за чекирање каде патниците поминуваат пред да излезат од државата и во делот на зоната за пристигнување на мониторите кај лентите за багаж каде патниците го чекаат својот багаж при влез во државата. Изработени се и информативни табли за важечката царинска регулатива за патнички промет, односно покрај информации за дозволените износи за внесување и изнесување на пари, истите содржат и информации за дозволените количини за внесување или изнесување на тутунски и алкохолни производи, парфеми, предмети за лична употреба, лекови, миленичиња итн. Таблите изработени на македонски, албански и англиски јазик се поставени на граничните премини.
Во оваа пригода ги потсетуваме патниците за правилата:
ДЕВИЗИ И ЧЕКОВИ
ВЛЕЗ ВО ДРЖАВАТА
Лимитот за внесување на ефективни странски пари или чекови изнесува до 10.000 евра. Доколку носите ефективни странски пари или чекови над 10.000 евра, должни сте да ги пријавите на царинските органи.
ИЗЛЕЗ ОД ДРЖАВАТА
Што се однесува до изнесувањето на девизи од Македонија, резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра по лице и притоа да приложат потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување на ефективни странски пари над 10.000 евра од страна на резиденти е забрането.
Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари или чекови во износ до 10.000 евра по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра, патниците се должни да ја дадат на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган.
ДЕНАРИ
Дозволено е внесување и изнесување на домашни пари до 120.000 денари.
Нерезиденти смеат да внесуваат и изнесуваат над 120.000 денари, но треба да ги пријават на царинските органи и да дадат на увид доказ дека средствата се купени/подигнати од сметка во домашна или странска банка.
За резиденти е забрането внесување и изнесување на износ над 120.000 денари.
За непријавување или погрешно пријавување на пари и чекови кои патниците ги носат со себе, предвидени се казни. Парите привремено се одземаат или запленуваат. Покрај ова, законот предвидува парични казни во износ од 1.000 до 1.500 евра за физички лица, 10.000 евра за правни лица во денарска противвредност, а за одговорното лице во правното лице 30% од одмерената глоба за правното лице. Предвидени се и затворски казни за случаи поврзани со перење пари и финансирање тероризам.
СТАТИСТИКА
Во 2014 година на граничните премини се пријавени 14,7 милиони евра, а оваа година (од 01.01 – 15.12.2015 г), пријавени се приближно 14,5 милиони евра.
Од почетокот на годинава откриени се 84 обиди за нелегално пренесување преку граница на готови пари во различни валути, во противвредност од околу 1 милион и 113 илјади евра (972.300 евра, 99.200 швајцарски франци, 37.300 американски долари, 5.400 австралиски долари, 4.950 канадски долари, 3 900 фунти и 126 000 денари).
Во 2014 година, во 80 случаи, спречено е нелегално пренесување на готови пари во противвредност од околу 1 милион евра (778.635 евра, 141.400 американски долари и 130.180 швајцарски франци).