Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, заменик министерот Спиро Ристовски и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денес беа во посета на студентскиот дом „Невена Георгиева- Дуња“ кој што, поради дотраеност на објектите не е во функција повеќе од две години, а на чие место, следната година ќе започне изградбата на целосно нов објект.
Согласно веќе изработеното проектно решение, новиот студентски дом на местото на старите бараки, ќе има капацитет за сместување на 350-400 студенти, како и нова спортска сала.
Освен нов “Медицинар” во следниот период, како што најавија, ќе бидат изградени и дополнителни два студентски домови.
Едниот ќе се гради во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет и во него ќе можат да се сместат 350 студенти, но со можност за доградување, со што сместувачкиот капацитет би се зголемил за дополнителни 150 студенти. И за овој објект идејното решение е веќе изработено. Додека другиот, практично трет нов студентски дом, ќе се гради во општина Карпош, во близина на СЦ “Борис Трајковски“. Во него ќе можат да се сместат од 400 до 500 студенти. Во тек е постапка за негово впишување во Деталниот урбанистички план.
Со овие инвестиции, како и со реконструкцијата на најголемиот студентски дом во земјата – “Гоце Делчев”, која е во тек и се реализира етапно, условите за сместување на студентите значително ќе бидат унапредени.
При денешната посета, беше најавено и дека следната академска година ќе се отвори нов државен универзитет кој што ќе го носи името “Мајка Тереза“. Локациски ќе биде сместен во Скопје, на местото на дел од објектите на поранешната касарна “Илинден“. Во негов состав ќе има пет факултети, а наставата ќе се одвива на македонски, албански и англиски јазик.