Одбележан 21 Декември – Денот на наставата на Турски јазик

Министерот за образовование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес присуствуваше на одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на Турски јазик, при што беа доделени пофалници на десет наставници кои изведуваат настава на турски јазик. Овие признанија се доделуваат во знак на благодарност за нивното континуирано залагање за унапредување во наставата, како и за постигнатиот успех во извршување на слободните активности.

„Можностa за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик,е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои нè поврзуваат и нè обединуваат. Согласно Уставот и позитивните законски прописи, учениците од различните етнички заедници можат да следат настава на јазикот кој го говорат. Тоа значи дека и учениците од турска националност имаат можност да го формализираат својот образовен процес од прво одделение основно образование до четврта година средно, на турски јазик“, истакна министерот Адеми.

Во моментов, потенцираше Адеми, 5 630 ученици во основното образование и околу 1 640 во средното образование ја следат наставата на турски јазик.

„Во високото образование, зголемен е интересот на студенти од Република Турција кои се одлучуваат да го продолжат своето образование во нашата земја. Тие слушаат предавања на македонски јазик на Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип“, додаде Адеми.

Во оваа пригода, истакна министерот, не можеме, а да не ја споменеме цврстата соработка со Република Турција, која се одвива во духот на пријателство, меѓусебно почитување и разбирање.

„Како долгогодишни пријатели и стратешки партнери, имаме постојан дијалог и интензивна соработка во реализацијата на проекти од областа на образованието. Денес, кога го одбележуваме празникот на турската заедница, сакам да порачам, дека и во иднина заеднички ќе продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Република Македонија“, рече во своето обраќање министерот за образование и наука.