Утре во Охрид ќе биде промовиран новиот туристички производ од областа на планинскиот туризам „Balkan Hiking Adventure“ (БХА).
Производот „Balkan Hiking Adventure“ е креиран во текот на 2015 год. со поддршка на Германското Друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, преку Сојузното Министерство за меѓународна соработка и развој на Германија – БМЗ, со цел поттикнување на економскиот развој во пограничните области на Полошкиот, Југозападниот и Пелагонискиот регион.
Се состои од 37 креирани и обележани планинарски патеки на Шар Планина, Бистра, Дешат, Крчин, Стогово, Јаблница, Галичица и Баба од кои 8 патеки се трансационални. Со погранично поврзување преку зелени премини производот станува регионален и овозможува при една посета да се доживеат три земји: Македонија, Косово и Албанија. Патеките можат да се користат како еднодневни тури или да се комбинираат во повеќедневен активен одмор.
Во производот се вклучени и сместувачки и угостителски објекти вдолж патеките како и места од интерес поврзани со богатото културно и природно наследство на регионот.
Покрај идентификацијата и бележењто на патеките, со цел да се подобри квалитетот на понудените услуги ГИЗ поддржа реновирање и опремување на 8 селектирани објекти како и обуки за понудувачите на туристички услуги. Воедно 15 млади луѓе од поширокиот регион се поддржаа со обука за професионални водичи во планина по меѓународниот ИМЛ стандард.
Во креирање на производот беа вклучени бројни чинители, активни во сегментот на планински туризам од локално, регионално и национално ниво. Самите патеки се идентификуваа и бележеа од страна на професионални водичи во планина обединети во Македонската Асоцијација на меѓународни одичи во планина МАМВП и активни во планинарските клубови: Љуботен – Тетово, Бурими Шар – Врањовце, Бистра – Гостивар, Дибра – Дебар, Церн Камен – Вевчани, Димитар Илиевски Мурато – Битола и алпинистичкиот клуб Патагонија – Охрид. За потребите на БХА и креирање на нова регионална понуда за планински туризам, воспоставена е соработка на експерти за планински туризам од Македонија, Албанија и Косово, како и погранична Координативна група.
БХА на пазарот ќе се презентира и промовира преку: водич, 6 мапи за патеките поделени по планински масиви, телефонска апликација за Андроид и iOS платформа како и веб страна.