Набавени 11 нови мамографи за македонскиот здравствен систем

Министерството за здравство спроведе набавка на нови 5 дополнителни мамографи за здравствените установи во Македонија. Вкупната вредност е 39 милиони денари, а мамографите ќе бидат распоредени во Здравствен дом Скопје, општа болница Кавадарци, општа болница Гевгелија, Здравствен дом Радовиш и Здравствена станица Македонска Каменица, која е во рамки на Здравствен дом Делчево.

Новите мамографи ќе бидат испорачани до крајот на мај или почетокот на месец јуни и веднаш потоа ќе се инсталираат и стават во функција на пациентите во петте здравствени центри.

Според министерот за здравство Никола Тодоров, со новите современи мамографи значително ќе се унапредат и зајакнат овие здравствени установи.

„Во изминатиот период, за нешто повеќе од една година набавивме вкупно 6 и овие 5, значи 11 нови мамографи. Претходните 6 кои што се во најголем дел и ставени во функција на пациентите беа набавени за Општа болница Охрид, Велес, Кочани, Свети Наум Охридски во Скопје, Штип и Прилеп. Со набавката на нови мамографи овозможуваме доближување на оваа значајна дијагностика поблиску до местото на живеење на пациентите, зголемување на бројот на термини за мамографија, ехо дијагностика, мамографски скрининг, а со тоа и сериозно намалување на времето на чекање за добивање на оваа задравствена услуга,“ истакна Тодоров.