На денешната средба во Пекинг министрите за одбрана на Македонија и НР Кина Зоран Јолевски и генералот Чхан Ванкуан заклучија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и НР Кина се на мошне високо ниво и ги оценија како одлични. Воедно двата министри истакнаа дека се определени да продолжат интензивно да работат на натамошно зајакнување и унапредување на соработката во областа на одбраната.
„Република Македонија е определена билатералната соработка со Народна Република Кина во областа на одбраната да ја продлабочува и да ја развива во духот на заемното пријателство и поддршка“ рече министерот Јолевски на средбата.
Односите со НР Кина, додаде министерот, од година во година се движат во нагорна линија, што се потврдува со бројните средби на највисоко ниво. Соработката во областа на одбраната е дел од севкупните билатерални односи и придонесува за нивно натамошно јакнење. На средбата министерот Јолевски се заблагодари за досегашната поддршка од страна на НР Кина, која вклучува воена обука и едукација на кадри. Притоа беше договорено да се разменат искуства за учеството во мировните мисии на ОН, каде Кина е еден од најголемите контрибутори.
Дополнително, министерот Јолевски изрази задоволство што припадници на кинеските вооружени сили учествуваат на курсевите во Регионалниот центар за односи со јавноста во Министерството за одбрана, како и на меѓународниот летен кампус.
Воедно, во рамките на посетата на НР Кина, министерот Јолевски го посети и Универзитетот за национална одбрана при што потенцираше дека негов приоритет е унапредувањето на военото образование во Република Македонија.
„Во тек е трансформација на Воената академија во Универзитет за национална одбрана и безбедност, а паралелно воведуваме и дел од предавањата за 3-та и 4-та година на академијата на англиски јазик“, рече министерот Јолевски на средбата во Универзитетот.
За време на посетата министерот Јолевски имаше средба и со менаџментот на една од најголемите кинески компании „Поли Груп“, која има значајни инвестиции во Европа и во регионот во областа на енергијата, инфраструктура, градежништвото и рударство. Искажан е иницијален интерес на оваа компанија за инвестирање во Македонија во областа на инфраструктурата и енергијата по пат на јавно-приватно партнерство.
Во текот на посетата министерот Јолевски ќе ја посети Академијата за специјални операции каде ќе се запознае со нејзините капацитети и со можностите за соработка на полето на специјалните сили.
Република Македонија и НР Кина соработуваат на полето на одбраната од 2004 година кога беше потпишана и Спогодбата за соработка. Истата вклучува соработка на полето на воената наука и технологија, образованието и обуката, културата, спортот и други области.