Oд 1 февруари 2016, година Република Србија ќе стане полноправна членка на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка со што значително ќе се забрза и поедностави спроведувањето на транзитната постапка и ќе се намалат трошоците за транзитните движења кои поминуваат низ Република Србија.
Со пристапувањето на Република Србија кон Конвенцијата се овозможува непрекинато извршување на транзитните операции помеѓу договорните страни на Конвенцијата, без прекинување на истите при влез во Република Србија.
Со цел од 1 февруари целосно да се искористат можностите за поедноставување и забрзување на транзитните формалности и намалување на трошоците при спроведување на транзитни операции кои поминуваат низ Република Србија, Царинската управа започна со преземање на неопходните мерки за прилагодување на Новиот компјутеризиран транзитен систем.
За да можат да се спроведуваат заеднички транзитни операции кои ќе поминуваат низ Република Србија неопходно е исто така да се извршат соодветни измени во гарантните документи заради проширување на нивната валидност и за Република Србија. За таа цел, потребно е гарантите во Република Македонија да обезбедат лица за контакт во Република Србија кои од страна на гарантите ќе бидат овластени за примање на било какви известувања кои се наменети за гарантите и врз основа на поднесено барање од страна на главните обврзници да издадат соодветни анекси на постојните гаранции заради измени во точка 1 од гаранцијата со која ќе се додаде Република Србија како договорна страна на Конвенцијата во чија корист се издава гаранцијата и измени во точка 4 заради додавање на податоците за лицата за контакт во Република Србија.
Со цел главните обврзници поконкретно да се запознаат со престојните измени, Царинската управа ги повикува на работен состанок кој ќе се одржи на 28.12.2015 (понеделник), во 14 часот во амфитеатарот во старата зграда на Царинска управа.