Честитка од претседателот Иванов до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

„Почитувани,

Ми претставува задоволство во овие празнични денови на сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар да им го честитам претстојниот празник на Раѓањето Христово.

Празнувањето на Божиќ секогаш нè навраќа на Светото предание кое започнува со Витлеемската sвезда, раѓањето на Синот Божји кој ја прими човечката природа и стана човек. Чествувајќи го Божиќ ги славиме љубовта, победата над предрасудите и разликите. Божиќната порака за вистината за верата, за човечноста и за хуманоста е глас кој треба да го продолжиме.

Божиќ е празник на семејството, ден кога се молиме за добро здравје, среќа и радост. Нека Бадниковата вечер и Божиќ внесат топлина во домот, а семејството и ближните нека ги исполнат со добра мисла, добрина и благослов. Овој голем христијански празник нè учи да бидеме солидарни, затоа да споделуваме со оние кои имаат помалку, да им помогнеме на немоќните и на обесхрабрените.

На сите граѓани, кои го прославуваат празникот според грегоријанскиот календар, им посакувам радост и среќа во текот на целата година со традиционалниот христијански поздрав – Христос се роди!“- се вели во честитката.