Во врска со изјавата на д-р Јован Стојаноски, координатор на советничката група на ОО СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид, во коja се вели:
„Српските „продавачи на скапа магла“ во советодавна улога на СДСМ ни малку не влијаеле на нивото на политичка култура на кликата во опозицијата. Се навикнавме на бесцелни и про-форма соопштенија од СДСМ, ама ова е без преседан.
Буџетот на општина Охрид за 2016 година целосно ги исполнува потребите на граѓаните и на локалната самоуправа. Во него се предвидени средства за градење и реконструкција на руинираната или непостоечка инфраструктура – наследство од убедливо најлошата локална самоуправа во Македонија – тајфа на поранешниот градоначалник и сегашното раководство на локалната организација на СДСМ. Сите инфраструктурни и капитални инвестиции кои беа ветени ќе бидат во целост спроведени. Има пари за се кога тие не се трошат на репрезентации, екскурзии по бумеранзи, фиктивни тендери и уште пофиктивни фактури. Но чесноста е непознат поим за кликата на СДСМ.
Во буџетот за 2016 година е предвиден еден голем проект што конечно ќе му даде достоен лик на градот – реновирање на кејот на Охридското езеро. После многу години поминати под забот на времето, Охрид ќе добие нов кеј што ќе биде гордост на градот, место за уживање и создавање нови спомени на Охриѓани и туристите кои секоја година се побројни и побројни.
Она што најмногу вчудоневидува е смелоста и дрскоста на кликата да коментира за економска состојба и долгови на општината. Зарем е повторно потребно да потсетуваме зошто Охрид е најзадолжената општина во Македонија, а веројатно и пошироко? Тоа што кликата успеа да го растури и раскрчми за осум години, долго време во иднина ќе го враќаат Охриѓани.
За крај сакаме да упатиме еден апел до кликата на СДСМ да престанат да ги трујат граѓаните на Охрид со мизерни соопштенија кои немаат допирна точка со реалноста. Направете програма, понудете проекти, спремете издржана критика и да работиме за доброто на Охрид и Македонија. Гласови не носи логото на СДСМ во статии по портали. Граѓаните почитуваат работа, работа и само работа. Овој совет нема да ви го наплатиме како вашите српски пријатели.
Четири месеци преостануваат до конечниот суд на народот. Очекувајте го!“- стои во реакцијата.