На 24.12.2015 година се одржа редовен состанок на Советодавното тело на кој се разгледаа повеќе актуелни прашања од областа на царинското работење и барања на деловната заедница.
На состанокот, на претставниците на деловната заедница им беа презентирани најновите упатства кои ги донесува Царинската управа во насока на понатамошно олеснување на царинските постапки и забрзување на нивното спроведување. Во Царинската управа во постапка на донесување се нови Упатства за овластен примач и овластен испраќач, Упатство за увоз за облагородување и Упатство за начинот на потврдување дека стоката е изнесена од царинското подрачје на Република Македонија при спроведување на извозно-транзитна постапка.
На овој состанок посебна дискусија беше водена за начинот на водење на царинската постапка поврзана со имателите на одобренија за локално царинење, како и имателите на одобренија за увоз за облагородување. Имајќи предвид дека најголем број од имателите на одобренија за увоз за облагородување се од текстилната индустрија, Текстилниот кластер го изрази задоволството на членките од активностите на Царинската управа за поедноставување и забрзување на постапката на царинење и водењето на евиденција за постапката.
Претставниците на деловната заедница предложија понатамошни активности за подобрување на состојбата на граничните премини во смисла на намалување на времето на чекање, како и подобрување на определени технички услови. Исто така се разговараше и за иницијативата за воспоставување на заеднички контроли на граничните премини со соседните држави.
Царинската управа ги презентираше и резултатите од Проектот за мерење на времето за царинење и пропуштање на стоки, а информираше и за други актуелни прашања.