Иновативни проекти ќе спроведуваат десет „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија со грантови до 30 илјади евра од Фондот за иновации и технолошки развој, а седум фирми ќе ги комерцијализираат своите иновации со грантови до 100 илјади евра.
Добитниците на грантовите за 17-те избрани проекти на вториот повик на Фондот денеска потпишаа договори со директорката на оваа институција Јасмина Поповска, во присуство на премиерот Никола Груевски.
За избраните проекти со инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „стар-ап“ и „спин-оф“ се обезбедени вкупно 277 илјади евра. Ќе ги користат претпријатијата „Максолушн нет“, Мобидониа“, „Таг тајминг“, „Модулар Арт“, „Фабула Табула“, ДПТУ „Вортекс медио“, Алиментос, „Ајс Технолоџи Наташа“, „Интеркатив Гејминг“ и „Гардиан истеми“. Седум од проектите се од ИТ секторот, два од областа дизајн и уметност, а еден од технологии применети за спорт.
За останатите седум проекти избрани со инструментот кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации се обезбедени 600 илјади евра. Избрани фирми со овој инструмент се: „Металотехника“, „Иновејшн“, „Акрон“, „Био инжинеринг“, „Геосонд“, „Фарма биоаква“ и „Ни текна“. Два од проектите се од ИТ областа, а по еден од производство на неметални минерални производи и на мебел и по еден од инжинерство, градежништво и земјоделство.
На вториот повик на Фондот беа доставени 95 апликации за иновативни проекти, број што според премиерот Груевски е добар показател дека полека но сигурно се раздвижува базата на креативни умови, храбри поединци и групи, млади компании и перспективни претприемачи.
Груевски ги охрабри сите кои имаат свои планови во иднина во делот на иновациите и претпримеништвото да ги следат наредните огласи преку Фондот за иновации и технолошки развој.
„Владата на РМ и понатаму ќе ги следи и поддржува ваквите проекти. За 2016 година имаме испланирано 2 милиони 650 илјади евра со кои е планирано да се поддржат 25 стар-ап и спин-оф претпријатија, десет проекти за комерцијализација на иновации, два проекти за трансфер на технологии и еден деловно-технолошки акцелератор. Заклучно со 2017 година за инструментите преку Фондот за иновации имаме предвидено 10 милиони евра за поддршка“, рече Груевски.
Според премиерот, актуелната Влада одлучила сериозно да ја промени атмосферата од минатото кога, како што рече, мноштво иновативни идеи згаснале или пак биле преселени во други држави кои многу порано тргнале по вистинскиот пат за поддршка на иновациите. Преземените бројни мерки, кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух биле со цел да се разбуди креативниот дух кај младите, да се промени начинот на размислување и да се искористи максимално знаењето, искуството, вештините и идеите. По формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој и објавениот прв повик за финансирање новоосновани микро, мали и средни претпријатија во јуни годинава беа потпишани првите договори за финансирање проекти на 16 компании.
Директорката на Фондот Јасмина Поповска истакна дека преку јавните повици што годинава првпат ги организира Фондот се поддржани 33 претпријатија за развој на иновативни проекти. На останатите кои аплицираа, но не добија средства им порача да не се обесхрабруваат, да веруваат во своите идеи и да се пријават на следните повици.
„Фондот како нова институција се труди да се прилагоди на целната група односно претпријатијата и да им помогнеме, да бидеме флексибилни во таа насока и да сме што потранспарентни во активностите што ги спроведуваме и следната година да вложим еуште повеќе напори со позасилена динамика да поддржиме што повеќе иновативни бизниси,“ рече Поповска.
Со вториот повик Фондот доделуваше вкупно 1,3 милиони евра, но 400.000 евра наменети за кофинансирани грантови за трансфер на технологии нема да бидат распределени. Најголемиот дел од проектите што биле доставени за тој инструмент, според Фондот, не го исполнувале условот за секторски пристап.