Проектот „Македонија вработува“ ја одбележа оваа година во делот на отворањето нови работни места и во делот на намалувањето на невработеноста, истакна денеска заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по посетата на фабриката за месо и производи од месо „МИК Свети Николе“.
Според Спасов, до крајот на 2015-та проектот отвори 11.000 работни места. Вкупно 11.000 семејства добија поголема помош, поддршка, вработено лице, редовни средства за егзистенција, редовни приходи и редовно работно место, а поволностите ги искористија и над 6.600 компании.
Проектот продолжува, нагласи, како и заложбите за доближување на можностите, мерките и поволностите за вработување до сите.
„Би сакал да ги поттикнам сите заинтересирани за проектот да ги искористат поволностите што ги нуди Агенцијата за вработување. Заедно со нејзините служби ја продолжуваме акцијата, се бориме за секое работно место, но се бориме и да им помогнеме на заинтересираните да се ориентираат кон занимањата што се барани на пазарот на труд“, нагласи заменик-министерот.
Изразувајќи задоволство што „МИК Свети Николе“ изминатите години преку активните мерки за вработување реализира околу 90 вработувања, директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски најави уште една нова мерка.
„Утре излегува огласот и почнува апликацијата за сертификација на канцелариско работење за програмите ексел и ворд. Сите што ќе добијат сертификат, ќе бидат поконкурентни и побрзо ќе дојдат до работни места зашто сите огласи во Македонија, за приватниот или јавниот сектор, бараат од кандидатите да поседуваат вакви сертификати,“ потенцира Поповски и додаде дека вакви сертификати ќе може да добијат сите што го завршија курсот во Агенцијата за почетни ИТ вештини.
На средбата со раководството во „МИК Свети Николе“ станало збор за вклучување на оваа компанија во оперативниот план за активни мерки и политики за вработување за 2016 година, за почнување процес на сертифицирање програма за обуки што ќе се реализираат во МИК.
И оваа посета, како што додаде заменик-министерот Спасов, е дел од акцијата „се бориме за секое работно место“ во која се зголемува контактот со приватните македонски компании со цел да им се презентираат можностите што ги нуди државата, да се слушнат нивните предлози и да продолжи, да се зголеми и да се прошири соработката за следната, 2016 година.
„Овде во оваа компанија се бараат занимања што се дефицитарни, месари, касапи. Во наредниот период ќе работиме на тоа да обучиме што е можно повеќе вработени лица за ова занимање со цел побрзо да го најдат своето работно место во приватниот сектор,“ информира Спасов.
И директорот Поповски изрази надеж дека во наредниот период ќе се регистрира обуката за дефицитарни занимања и ќе има избор на неопходните кадри.
Истиов период, исто така како дел од акцијата „се бориме за секое работно место“, се одржуваат отворени денови, средби со невработени лица во Агенцијата за вработување во Свети Николе и Лозово.