Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција истакна:
„Oбјавив докази дека МВР издало и испечатило незаконски лични карти на лица кои немаат документ каде живеат. Имињата на овие лица се во избирачкиот список што значи дека добиле незаконско право да гласаат. Тоа беа 22 лица, за кои направивме проверка по случаен избор, за да проверам како “мвро“ на Груевски и Јанкулоска издавало и печатело лични карти. Реков дека ова е почеток на скандалот. Денеска на јавноста и обелоденувам нови докази што откриваат дека во незаконското издавање и печатење лични карти се вмешани мвро и други државни институции!
Ова е список на 424 лица од Пустец, Албанија на кои “мвро“ на Груевски и Јанкулоска издало незаконски лични карти! Ќе ги добиете нивните имиња и презимиња. ние ги имаме и нивните матични броеви и фиктивни адреси на живеење за што ќе покренеме соодвента постапка. По 20, 30, луѓе од овие 424 лица се водат на една адреса. Направив проверка во избирачкиот список. Сите 424 лица со незаконски лични карти се наоѓаат во избирачкиот список, што значи им било овозможено да гласаат! Според нивните адреси, сите се гласачи во општина Центар.Направив проверка на едно избирачко место, по случаен избор.
Во 2011 година ги нема во избирачкиот список. Избирачкиот список почнува да се полни со овие лица во 2013 година. Во 2014 година се надградува и проширува избирачкиот список со нови лица од Пустец кои гласаат во општина Центар. Кулминација на полнењето на избирачкиот список со лица од Пустец се случува во 2015 година. Сите, освен тројца во истото избирачко место се граѓани од Пустец. Ова покажува индиции за криминал во повеќе изборни циклуси. Не е тоа се.
Проверив на чие име се води еден од становите во коишто се сместени луѓето од Пустец. Еве имотен лист. Станот почитувани граѓани и претставници на медиумите, е во сопственост на Република Македонија! Власта ги сместувала луѓето од Пустец во станови во државна сопственост! И не е тоа се.
Во мене имам официјални признанија, од одделението за Управни работи при МВР и од надлежниот Оддел за граѓански работи при МВР, дека издавале незаконски лични карти. Еве ги тие два документа кои потврдуваат дека се издавани лични карти на лица кои не пријавиле живеалиште и на кои поради тоа не им е издадено решение за живеалиште, како што е пропишано со законот!
Скандалот со незаконските лични карти зазема огромни размери.
Се зголемува бројот на државни органи кои се вплеткани на разни начини во межата на издавање лажни лични карти. Министертвото за внатрешни работи ја интензивира истрагата.Ќе следат соодветни постапки кон лицата во мвр и во другите институции кои ја злоупотребиле својата службена положба против интересите на граѓаните на Македонија. Во меѓувреме ќе отпочнеме и управна постапката, за поништување на овие лични карти коишто се изадени во нелегална процедура и се злоупотребени во изборите.“- истакна Спасовски.