Со богата музичка програма Вевчански карневал е подготвен за своето ново издание

Во Вевчани започнува големата прослава за одбележување на празникот „Василица“ во чии рамки традиционално се одржува и светски реномираниот фестивал на сатирата ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ! Оваа година богатата програма на оваа манифестација започнува од 10ти јануари и ќе се одвива сѐ до 14ти јануари, а во рамки на оваа програма еден од најстарите фестивали под маски, ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ подготвува и атрактивна музичка програма за дочек на Старата Нова година, кој ќе биде одбележан и со голем огномет.

Музичката програма на ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ годинава ќе се одвива два дена, на 12ти и 13ти јануари во Вевчани. Честа да ја отвори програмата за големата прослава на 12ти јануари ја има популарниот македонски изведувач „СЛАТКАРИСТИКА“!

„Многу ни е драго што ќе настапуваме, ќе се напиеме вевчанска ракија и ќе бидеме маскирани василичари! Се гледаме на 12ти во Вевчани!“ – изјави Марко Слаткаристика.

Покрај „Слаткаристика“ истата вечер во Вевчани доаѓа и еден од најпопуларните регионални бендови „С.А.Р.С.“ кои гарантираат настап за незаборавна забава на ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ, како и групата „БРАС БРАДЕРС“ од Македонија.

Следниот ден, на 13ти јануари, сцената во Вевчани е резервирана за ѕвездите на македонската народна музика: ЕСМА РЕЏЕПОВА и НАУМ ПЕТРЕСКИ, како и групата „ИНФУЗИЈА“ и „ПЕРО БЕЛИ“.

Најголемата атракција и изненадување на Вевчанскиот карневал се секако резервирани со карневалската поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност. На 13ти јануари нè очекува големото василичарско дефиле со кое Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија.

„Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја, Вевчанскиот карневал е подготвен да ги пречека бројните посетители во Вевчани сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и секако со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна“ – вели вели еден од најголемите познавачи на Вевчанскиот карневал и неговата суштина, публицистот и новинар Мишо Китановски.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува со векови и која според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

„Вевчанскиот Карневал се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија. На минатогодишното издание, гостин на овој настан беше и реномираната британска медиумска куќа „Би-би-си“ која снимаше документарен филм за Вевчанскиот Карневал и истиот го оцени како еден од најдобрите светски карневали од овој тип. Годинава во Вевчани за време на манифестацијата повторно очекуваме голем број медиумски претставници и посетители, како од Македонија така и од странство и ни претставува особена чест повторно да бидеме домаќини на илјадниците гости кои секоја година се собираат на овој единствен и уникатен настан!“ – изјави градоначалникот на Општина Вевчани, Цветомир Угриноски.

24072452-c095-4a05-ad70-104c0a713140