МЗТ ја загуби битката против Сутјеска

Кошаркарите на македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром во неизвесен финиш на домашен терен се поразени од црногорскиот прволигаш Сутјеска со 71:75 (18:18, 13:13, 20:20, 20-24), во рамки на 19.коло од АБА лигата.

Нашиот шампион имаше слаб процент на ударите од поле, пред се за два поени (20 од 51), што им овозможи на гостите од Никшиќ во текот на сите 40 минути да бидат рамноправен ривал и на крајот да стигнат до изненадувачки и триумф во Скопје.

Голем удел во поразот на МЗТ Скопје имаат и судиите, клучниот момент се случи на две секунди до крајот при резултат 71:73 за гостите од Никшиќ. Тогаш при напад на Дамјан Стојановски (кој заврши со кош, а имаше и фаул врз него) арбитрите неоправдано досудија чекори, па наместо поени и дополнително слободно фрлање, судиите топката им ја доделија на кошаркарите од Никшиќ.По оваа одлука следуваше бурна реакција од домашните кошаркари,но судиите остана на одлуката, по што кошаркарите на Сутјеска и се радуваа на седмата победа во регионалната лига.

Во редовите на МЗТ Скопје најрасполошени за игра беа Урош Луковиќ со дабл-дабл учинок од 17 поени и 18 скокови, Дамјан Стојановски, Марко Луковиќ и Марко Љубичиќ постигнаа по 13 , а Ѓорѓе Дреновац 10 поени.

Табела: Будуќност 17-2 (победи-порази), Цедевита 15-4, Црвена Звезда 13-5, Мега 12-6, МЗТ Скопје Аеродром 8-11, Цибона 8-11, Крка 8-11, Металац 8-11, Задар 8-11, Партизан 7-12, Сутјеска 7-12, Тајфун 7-12, Олимпија 7-11, и Игокеа 6-12.