МОН ќе додели 30 стипендии за студенти Роми

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директор на Управата за образование на заедниците Реџеп Али Чупи, најавија дека Министерството за образование и наука ќе додели 30 стипендии за Роми запишани на редовни додипломски студии во академската 2015/2016 година на јавните и приватните универзитети.

Ристовски истакна дека со доделувањето на овие стипендии Министерството за образование и наука го заокружува стипендирањето на припадници на ромската етничка заедница во сите степени на образование.Тој потенцираше дека стипендирањето на средношколци Роми во изминатите неколку години, придонело да се зголеми нивната вклученост во средното образование.

„Министерството за образование и наука во соработка со Ромскиот едукативен фонд во изминатите неколку години се заложија за изградба на систем за целосно стипендирање на образованието на учениците од ромската националност, што подразбира тие да добиваат стипендии за време на средното образование, но и по неговото завршување, односно продолжување на некоја од високообразовните установи во Македонија. Целта е преку финансиско стимулирање да им се помогне на младите Роми да стекнат што е можно повисок степен на образование и со тоа многу пoлесно да се интегрираат во општеството“, рече Ристовски.

Стипендиите кои за прв пат се доделуваат од оваа година се во месечен износ од 5.000 денари, а ќе се доделуваат во текот на девет месеци. Десет од стипендиите се наменети за Роми запишани во прва година на студии, а останатите дваесет се за редовни студенти кои се запишани во втора и во повисоките години на студирање. Предност при доделувањето на стипендиите ќе имаат Ромите кои студираат на факултети што продуцираат наставен кадар затоа што тој е дефицитарен во образованието на ромски јазик.

Директорот на Управата за образование на заедниците Реџеп Али Чупи, истакна дека оваа стимулативна мерка е предвидена во Националата стратегија за Роми и во Акцискиот план за образование чија цел е поддршка на студирањето на студентите Роми.

„Оваа година почнуваме со 30 стипендии за кои е обезбеден буџет од МОН. Во иднина е предвидено овој број да се зголемува. Преку Програмата за стипендирање на средношколци Роми, секоја година околу 40 проценти од вкупниот број завршени средношколци продолжуваат со нивното образование, односно се запишуваат и студираат на некој од факултетите во земјава. Тие преку овој конкурс ќе имаат можност да продолжат да бидат стипендирани и во текот на нивното високо образование“, рече Чупи.

Рокот за аплицирање за стипендии за студенти Роми е до 11 февруари 2016. Заинтересираните кандидати сите потребни информации можат да ги најдат во конкурсот кој е објавен на веб-страницата stipendii.mon.gov.mk.