Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и тим лидерот од Германското друштво за меѓународна соработка во Македонија (ГИЗ) Бенџамин Мор денеска потпишаа Меморандум за соработка за техничка поддршка во врска со Програмата за одржлив и инклузивен регионален економски развој во Република Македонија.
Владата, Министерството за локална самоуправа, ГИЗ, Швајцарската агенција за развој и соработка за реализација на Програмата за одржлив и инклузивен регионален економски развој обезбедија над 950 илјади евра.
„Овие средства се планирани за реализација на активности во текот на 2016 година кои ќе придонесат за значително намалување на диспаритетите во и меѓу осумте плански региони во Македонија, со што ќе се овозможат подобри можности за живот на сите граѓани во сите региони од државата,“ истакна Пешевски.
Програмата, како што рече, ќе се фокусира на три области. Во првата област се опафтени активности кои се поврзани со развивање и пуштање во функција на софтверско ИТ решение за координација при планирање на политиките, буџетирање и спроведување на програмите за рамномерен регионален развој.
„Втората област на која ќе биде фокусирана оваа програма е подобрување на транспарентноста на Регионалните совети и зголемување на учеството на граѓаните и бизнисите во планирањето и донесувањето на одлуки на регионално ниво,“ нагласи вицепремиерот Пешевски.
Со имплементацијата на активностите од втората компонента, како што рече, очекуваме поголема вклученост на бизнис заедницата, универзитетите и граѓаните во креирање и спроведување на политиките за реионален развој, што ќе придонесе за нови иновативни решенија и проекти, како и за зголемена транспарентност на работата на Регионалните совети.
Со реализација на активностите од третата компонента на Програмата ќе се придонесе за зголемување на капацитетите на Центрите за развој на планските региони и нивните регионални партнери во врска со изготвување на конкретни проекти од поголем обем за специфични области, за добивање грантови или други видови на поддршка од различни извори на финансирање.
Вицепремиерот Пешевски потсети дека изминатите две години преку реализација на Програмата за реагионален економски развој, во соработка со ГИЗ беа изработени 38 технички проекти во сите плански региони, за чија изработка беа наменети над 500 илјади евра, а чија изведба би чинела над 70 милони евра.
„Владата континуирано ги зголемува директните средства кои се наменети за оваа програма и средствата во 2016, споредено со 2014 година се зголемени речиси за пет пати, односно од 1 милион евра на 5 милиони евра за 2016,“ рече Пешевски. Потсети дека од 2009 година, од кога се спроведува оваа програма, поддржани се над 420 проекти од сите осум плански региони.
Бенџамин Мор смета дека изминатите години Македонија направи добар напредок во основање на структурите и процесите што , како што рече, придонесе до намалување на регионалните нерамномерности во државата.
Заменикот-министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов потенцира дека досега се реализирани над 400 проекти за регионален развој, во вредност од 10 милиони евра.
„Годинава, политиката на рамномерен регионален развој добива на значење и преку зголемувањето на буџетската поддршка. Во буџетот на Република Македонија за 2016-та се обезбедени дупло поголеми средства или 300 милиони денари. Согласно законот, 70 отсто или 210 милиони се за проекти од регионално значење,“ рече Пренџов.
Тој информира дека осумте плански региони за искористување на овие средства во текот на декември поднеле 35 проекти. Најмногу, Пелагонискиот со 8, а Полошкиот со два проекти. Според степенот на развиеност, и годинава за најмалку развиениот, Североисточниот плански регион се определени најмногу средства, 36 милиони и 330 илјади денари, а за најразвиениот, Скопскиот 15 милиони и 120 илјади денари.
На настанот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, градоначалници, претседатели на плански региони и раководители на Центрите за развој на планските региони.