Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда против шестнаесеттемина обвинети во случајот „Фаланга 2“, меѓу кои е и поранешениот директор на Управата за заштита на културно наследство, Паско Кузман, пренесува „Утрински“.
Апелацискиот суд ги отфрлил жалбите на обвинетите како неосновани и ги потврдил затворските и условните казни на кои беа осудени во јули 2014 година.
Со првостепената пресуда, Паско Кузман беше осуден на затворска казна од три години, затоа што како директор на Упрвата за заштита на културното наследство им издал согланост на физички лица за ископување на две локации за проверка на наодите за постоење на културно-историско наследство.
Првообвинетиот во случајот „Фаланга 2“, поранешниот раководител на одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство, Илче Бојчевски, беше осуден на затвроска казна од седум и пол години за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, тешка кражба и за прикривање.
Другите обвинети, кои се товареа дека биле дел од злосторничката група, беа осудени на затворски казни од три и пол до шест и пол години, додека четворица обвинети добија условни казни.
Извор: meta.mk