Откриени царински измами и запленети возила со бункер, девизи, тутун, цигари друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија царински измами и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани две возила со бункер за криумчарење стока, девизи, алуминиумски бандажи, тутун, цигари, ловечка пушка со муниција, облека, играчки и пластични рачки за садови за храна. Задржана е следната стока:

Возила со специјално изработен бункер за криумчарење стока

Царинските службеници на граничниот премин Блаце открија две товарни возила – комбиња со специјално изработени бункери за криумчарење на стока. Во едниот од нив се пронајдени 180 парфеми.

Во првиот случај, на царинската испостава Блаце – терминал, за излез одРепублика Македонија се пријавило комбе со српски регистарски ознаки, управувано од косовски државјанин. Поради претходни сознанија за можни неправилности, возилото е селектирано за детален преглед. Притоа, во задниот дел, во просторот предвиден за превоз на царинска (пломбирана) стока, утврдено е дека постои преграден ѕид, кој просторот го дели од кабината на возилото. Со внимателен преглед на ѕидот, утврдено е дека истиот е конструиран со скриена врата, која откако биле отстранети двете навртки од подот, се отворила со што се овозможил пристап до скриениот бункер. Во бункерот се пронајдени 180 парфеми, спакувани во три картонски кутии. Возилото и криумчарената стока се привремено задржани, а против лицето е поведена прекршочна постапка. Поради можност за повреда на права од интелектуална сопственост, отпочната е и постапка за утврдување на оригиналноста на парфемите.

Во вториот случај, при детална контрола на комбе со косовски регистарски таблички, управувано од турски државјанин, пријавено за излез од Република Македонија, е утврдено дека задниот дел на возилото е преправан, односно на преградниот ѕид кој го одвојува просторот со царинска стока од кабината за патници, е откриена скриена врата преку која може да се изврши неовластен пристап и манипулација со стока. Бункерот бил професионално направен и прекриен со залепен теписон, и истиот бил отворен со отстранување на две навртки од долниот дел на плочата и шарките на горниот дел на возилото. Возилото е привремено задржано, а против лицето е поведена прекршочна постапка

Девизи

– 6.890 евра, откриени во два одвоени случаи, при контрола на две патнички возила на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил, се пријавил за излез од државата, во џебови од јакната и панталоните се пронајдени вкупно 5.500 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 3.500 евра се привремено задржани.

Во вториот случај, при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, во деловна чанта, во повеќе коверти, се пронајдени вкупно 10.630 евра и 3.025 американски долари. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени девизни средства во противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 3.390 евра привремено се задржани.

Против двајцата патници се поведени соодветни прекршочни постапки.

Тутун и цигари

– 4 килограми тутун, откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Во преградите на вратите, во просторот наменет за кутија за прва помош и во џебовите зад предните седишта, се пронајдени 8 пакувања со тутун, што се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 52 штеки цигари PALL MALL AMBER Super slim, PALL MALL BLUE Super slim и LD Violet Super slim, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Цигарите, пронајдени под пластиките покрај задните седишта, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Ловечко оружје и муниција

– 1 употребувана ловечка пушка BettinsolioverlandEL и 19 патрони ловечка муниција, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Пушката е пронајдена во пластична кутија сместена во багажникот на возилото, и покриена со флуресцентно елече, додека муницијата е пронајдена во џебовите на елечето. Пушката и муницијата се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Останато

– 4 алуминиумски бандажи за патнички автомобил, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Бандажите, пронајдени во две кутии сместени на задното седиште покриени со неколку палта и во 2 кутии во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 300 парчиња машка и женска долна облека, откриени при контрола македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени под двете предни седишта како и во неколку кеси на задното седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 300 детски играчки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Кичево-Охрид, во близина нa влезот во Охрид. Играчките, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени, во 4 најлонски вреќи и 2 катонски кутии сместени во багажникот и на задното седиште на возилото. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 32.600 пластични рачки за садови за храна, откриени при контрола на стока наменета за фирма увозник од Штип, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија. Производите, кои не биле опфатени со царинската декларација, е привремено задржана, а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Царински измами

Службата за надзор на иматели на одобренија при царинарница Штип, при контрола на две фирми од Штип, откри повеќе обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки во вкупен износ од над 271 илјади денари.
Во првиот случај, при контрола на 8 царински декларации за увоз за облагородување на една од фирмите, и контрола на магацинот за репроматеријали на фирмата е утврдено дека фактичката состојба во магацинот не одговара на приложените документи од евиденцијата на фирмата, односно во магацинот не се пронајдени 5.015,28 метри квадратни ткаенина, што според приложената евиденција не се раздолжени. На тој начин фирмата постапила со стоката како да е пуштена во слободен промет, без да бидат спроведени пропишаните царински формалности за тоа и без да бидат платени увозни давачки во износ од околу 232 илјади денари. Против фирмата и одговорно лице се поведени постапки за утврдување на нивната одговорност.

Во вториот случај, извршена е контрола на три царински декларации за увоз за облагородување на друга фирма од Штип, при што со споредба на приложените документи од евиденцијата на фирмата и фактичката состојба во магацинот за репроматеријали, е утврдено дека 352,5 метри квадратни ткаенина се фиктивно раздолжени, односно истите се пронајдени во магацинот и покрај тоа што според евиденцијата на фирмата тие биле раздолжени. Покрај тоа во магацинот се пронајдени уште 55,5 метри квадратни ткаенина за кои фирмата немала евиденција со која царинска декларација се задолжени, ниту пак имала доказ дека се платени увозни давачки или дека се ставени во пропишана царинска постапка. На тој начин фирмата фиктивно раздолжила вкупно 408 метри квадратни ткаенина и избегнала плаќање на увозни давачки од околу 40 илјади денари.

Пронајдената стока е привремено задржана а против фирмата и одговорното лице ќе поведени постапки за утврдување на нивната одговорност.