Македонија и Естонија ја развиваат соработката во одбраната и безбедноста

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во Министерството оствари средба со новопоставениот нерезидентен амбасадор на Естонија, акредитиран за Република Македонија, Даниел Шаер.

„Македонија и Естонија имаат одлична одбранбена соработка. Наша заложба во иднина е да изнајдеме можности и модалитети за уште поголем развој на оваа соработка, особено имајќи ги предвид капацитетите во двете земји“, рече министерот Јолевски на средбата. Тој потенцираше дека за Министерството и Армијата, приоритет е развојот на военото образование, особено во контекст на отворањето на Институтот за сајбер-одбрана, како дел од новиот Универзитет. Во таа насока, министерот посочи дека размената на професори и предавачи во голема мера ќе придонесе кон воведувањето на нов квалитет во оваа значајна област. Дополнително, министерот Јолевски истакна дека постои можност за унапредување на билатералната соработка во однос на Регионалниот центар за односи со јавноста, кој е и НАТО-центар, како и во однос на Центарот за обука на пилоти.

Министерот Јолевски воедно се заблагодари за континуираната поддршка која Естонија ја дава за членството на Македонија во Алијансата. „Ние продолжиме со реформите и со напорите за интеграција во НАТО. Македонија уште од 2008 година е подготвена да биде дел од НАТО, а тоа е и заклучок на земјите-членки на Самитот во Букурешт“, потенцираше Јолевски.

Амбасадорот Шаер се заблагодари за средбата и истакна дека една од неговите приоритети ќе биде воспоставување на уште поблиски контакти и соработка помеѓу двете земји, кои, рече, имаат големи сличности и меѓусебна почит и разбирање.

Македонија и Естонија во областа на одбраната соработуваат од 2004 година, кога беше потпишана и Спогодбата за соработка.

DSC_2188