Кој има обврска да поднесе Годишна даночна пријава (ГДП)?
Задолжително поднесете Годишна даночна пријава (образец ПДД-ГДП) најдоцна до 15-ти Март 2016 година, доколку во измината 2015 година, сте оствариле дополнителни приходи, односно освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, сте оствариле и приходи од: кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп); авторски права; индустриска сопственост; исплатена дивиденда; капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот; добивка од награднa игрa во износ поголем од 5.000 денари; приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страни; лични примања од странство; работно ангажираниње во амбасада, мисија на меѓународна организација…; приходи остварени преку интернет (е-трговија; услуги извршени преку специјализирани страни пр. www.freelancer.com , www.upwork.com и др.; поставување на реклами на сопствени интернет страни; прогнози (дојави) на типови за спортски натпревари); и други дополнителни приходи, надвор од вашата редовна плата или пензија.
Корисни совети при пополнување на Годишната даночна пријава
* Пример пополнета Пријава ПДД-ГДП
Годишната даночна пријава е бесплатна и можете да ја преземете од веб страницата на УЈП (кликни http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/21).
Во Пријавата ПДД-ГДП е овозможен компјутерски внес на податоците во бараните полиња. Откако ќе ги пополните податоците, отпечатете ја пријавата во 2 примерока.
Следете го упатството за пополнување кое е составен дел на Годишната даночна пријава.
Корисен водич при пополнување на пријавата е Брошурата „Годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход“ (преземи http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/2) во која детално е опишано како да ги пополните податоците во секое поле, но и кои се најчестите прашања и одговори на граѓаните при пријавување на приходите и оданочувањето со персонален данок на доход.
Граѓаните кои во 2015 година оствариле приходи по основ на надоместок од договори за дело, авторски договори и други договори за кои постоеше обврска за плаќање на социјални придонеси за т.н. „хонорарци“ согласно одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во примена од 01.01.2015 до 31.07.2015 година, потребно е да се искажат соодветно и во Годишната даночна пријава, во зависност од видот на исплатата (види стр. 8 и 9 од Брошурата).
Побарајте збирна пресметка од работодавецот и фирмите кои ви вршеле исплати на приходи во 2015 година!
Работодавецот и фирмите кои ви вршеле исплати на приходи во измината година, имаат законска обврска најдоцна до 25 јануари 2016 година да ви издадат збирна пресметка во која ќе бидат искажани вкупните износи на исплатени приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2015 година.
Збирните пресметки се неопходни за да можете точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.
Како и каде да ја поднесете пријавата?
Доколку сте регистриран корисник на системот е-Даноци, Годишната даночна пријава пополнете ја он-лајн и поднесете ја електронски преку https://etax-fl.ujp.gov.mk
Пополнетата Годишна даночна пријава можете да ја поднесете и во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта. За точна адреса и локација на даночните канцеларии кликнете http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt/makedonija
Напомена: Во случај да ја поднесувате вашата пријава преку пошта поднесете еден примерок, а доколку поднесувањето решите да го извршите на шалтерите во УЈП поднесете два примерока.
Други корисни информации
За повеќе информации во врска со пополнувањето и поднесувањето на Годишната даночна пријава преземете ја Брошурата „Годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/2) или контактирајте не преку Инфо центар 0800 33 000.